Во врска со техничкиот премиер Талат Џафери, кој продолжи да ја извршува функцијата прв човек на владата и покрај тоа што пратеничкиот мандат му беше верификуван во Собранието, Димитровска рече „де факто постои неспоивост“
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска вели дека по верификација на мандатот именуваните и избраните лица треба да се откажат од сите претходни функции.
Во врска со техничкиот премиер Талат Џафери, кој продолжи да ја извршува функцијата прв човек на владата и покрај тоа што пратеничкиот мандат му беше верификуван во Собранието, Димитровска рече „де факто постои неспоивост“.
„Си има институции како што е Собранието да си ги делегираат овие активности, не кажувам јас дали да се заменици министри или вицепремиери, за тоа си постојат надлежности …и секако ќе си одлучат надлежните органи“,
рече претседателката на ДКСК во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Димитровска кажа и дека Законот за спречување корупција и судир на интереси предвидува глоба од 300 до 500 евра за лица кои извршуваат неспоиви функции.
„Но, повторно ќе кажам дека тоа не е доволно бидејќи на кој начин би ги отстраниле последиците од ваквото постапување. Нашиот закон има слабост во тој дел, не го уредува таквото постапување. Меѓутоа верувам дека именуваните и избраните лица кои што имаат голема одговорна задача, имаат одговорност, спроведуваат санкцинирање на поведување кое е спротивно на закон нема да се доведат во ситуација самите тие да ги прекршуваат тие законски одредби од причина што пред нив стојат големи законски предизвици“, р
ече Димитровска.
Таа вели дека од ДКСК веднаш по верификација на мандатите за пратеници укажале на итно постапување и почитување на уставните норми и законските одредби кои се однесуваат на неспоивост на највисоки јавни функции.
„Нашето законодавство брои многу закони меѓу кои Уставот, Законот за Собранието, Законот за пратениците и Законот за спречување на корупција и на судир на интереси кои недвосмислено, јасно и конкретно дефинираат неспоивост на функција односно дека претседател на Влада, претседател на република, пратеници, министри, и градоначалници и други функции на избрани и именувани лица и друга функција е неспоива една со друга“,
додава претседателката на ДКСК.
Извесно е дека Владата ќе биде формирана за две до три недели, рече Димитровска, предупредувајќи дека постои потенцијален ризик од донесување на одлуки кои што можеби ќе имаат финансиски и други штетни последици за државата и за граѓаните, во услови кога е нарушено начелото на функционирање односно се доведува во прашање функционирањето, транспаретноста, и можеби најважното контролата од страна на Собранието врз извршната власт односно министерствата и Владата.
„Законот е јасен едно лице кое извршува функција од извршна власт, во конкретниов случај претседател на Влада или министер не може истовремено да извршува и функција од законодавна власт односно пратеник“,
рече претседателката на ДКСК.
Димитровска најави дека ДКСК во текот на утрешниот ден ќе го објави електронскиот систем за пријава на имот и потенцираше дека сите актуелни функционери имаат законска обврска да го пријават имотот.