По скратена постапка усвоен Законот за амнестија

Откако ги помина сите матични комисии и доби одобрение од Интерпартиската парламентарна група, Законот за амнестија, со 95 гласа „за“ и ниту еден „против“ по скратена постапка беше усвоен во Собранието.

Со Законот се предвидува кои од обвинетите за настаните во Собранието од 27 април не можат да бидат амнестирани, а тоа се:

• организаторите и оние кои учествувале во подготовката,
• насилниците и лицата под фантомки
• оние кои што носеле оружје и експлозивни направи, и
• службените лица кои постапиле спротивно на нивните овластувања.

Откако ќе стапи во сила, обвинетите имаат рок од 5 дена да поднесат барање за амнестија.

Иако опозициската ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа законот со образложение дека се против селективна правда, пратеникот од нивните редови – Илија Димовски, заедно со Панчо Минов од ГРОМ, рекоа дека се приклучуваат како предлагачи на законот.

„Ние денес носиме политичка одлука со која не сакаме да го попречиме процесот кој што се води во судството. Иако таа линија е тенка, во изминатиов период работевме напорно за да дојдеме до такво решение“, истакна Зеќир Рамчиловиќ – еден од предлагачите на законот.

Тој порача дека амнестијата постои за во одредени моменти позитивно да делува во остварување на повисока цел, а политичарите, истакна, должни се да ѝ помогнат на државата да продолжи кон интеграција во НАТО и ЕУ.

 

- Реклама -