По критиките од власта, Коцевски ги задолжил обвинителите да го приоритизираат постапувањето по предметите за корупција

Во оваа смисла, републичкиот јавен обвинител најавува реорганизација на силите во Јавното обвинителство која ќе овозможи поефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела, особено од областа на финансискиот криминал и корупцијата

По критиките на власта, особено на премиерот Христијан Мицкоски за неактивност на Обвинителството во полето на криминалот и корупцијата, републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски објави дека ги задолжил сите јавни обвинители итно да стават приоритет во постапувањето по предметите за кривични дела од областа на корупцијата и од особен јавен интерес.

Љупчо Коцевски, републички јавен обвинител / Фото: „360 степени“ (архива)

Во соопштението на Јавното обвинителство, во кое се пренесува одлуката на Коцевски, се посочува дека тој сериозно ги прима апелите на извршната власт за зголемување на активноста на истражните органи, а особено на Обвинителство во борбата против корупцијата. Во оваа смисла тој, во рамки на своите надлежности, најавува реорганизација на силите во ЈО која ќе овозможи поефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела, особено од областа на финансискиот криминал и корупцијата.

„На ваквите предмети приоритет ќе се дава и во преземањето на дејствијата од страна на истражните центри на јавните обвинителства, а сите обвинители кои имаат во работа такви предмети се задолжени итно да извршат нивно ажурирање во смисла на проверка на преземените дејствија и на веќе издадените наредби и барања и на пристигнатите одговори од надлежни органи и институции. Доколку по издадени наредби и барања не е пристигнат одговор или соодветни податоци од надлежни институции и органи во законски определениот рок, веднаш ќе бидат испратени ургенции за итно постапување“,

се наведува во одлуката на Коцевски која ја пренесува Јавното обвинителство на РСМ.

Следствено, Коцевски ги задолжил обвинителите од основните, односно од вишите јавни обвинителства, во рок од 10 работни дена по носењето на Упатството да одржат колегиум со сите обвинители во основните, односно во вишите јавни обвинителства, на кој ќе се разгледуваат обемот на работа на конкретно обвинителство во однос на предмети од областа на корупцијата, подносителите, преземените дејствија и активни издадени наредби, како и предизвиците при постапувањето во таквите предмети.

Обвинителите треба да дадат предлози за надминување на предизвиците со цел поефикасен кривичен прогон.

„За сите овие активности ќе бидат доставени извештаи до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, а доколку биде констатирано неоправдано одолговлекување на постапките ќе биде извршен вонреден надзор над постапувањето на соодветните јавни обвинители“,

наведуваат од ЈОРСМ.

- Реклама -