По 20 години пронајден оригинал од Рамковниот договор, од домот на тетовецот Љума Груби го предаде во Државниот архив

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби, денеска во Државниот архив го предаде оригиналниот документ на Охридскиот рамковен договор, потпишан од седумте потписници.

Груби нагласи дека по цели 20 години документот припаѓа на ова место, во Државниот архив.

„Секоја година тема во медиумите беше недостасувањето на оригиналниот документ на потпишаниот Охридски рамковен договор и затоа цело наше министерство беше ангажирано низ цела оваа година да го пронајдеме тој документ, потпишан од страна на петте наши потпсисници и од двајца странци, Џејмс Пердју и Франсоа Леотар“, изјави Груби по посетата на Државниот архив.

Груби информира дека договорот ќе биде архивиран и чуван како еден од многу значајните документи за нашата држава.

„Согласно Охридскиот рамковен договор, беше променет Уставот во 2001 година и тој договор е веќе дел од Уставот и секојдневно се имплементира“, рече Груби. Додаде дека најпристојно, најдостојно место каде треба да припадне тој документ е во Државниот архив.

Директорот на Државниот архив Емил Крстески се осврна на значењето на нивната институција, во која се чуваат значајни документи за нашата историја, култура и традиција, почнувајќи од 13 век, од кога датира и најстариот документ.

„Оригиналниот документ на Охридскиот договор е значаен договор за нашата земја и еден од документите од поновата историја, кој нуди големи перспективи за развој во секој поглед. Оригиналниот документ овде ќе го чуваме, ќе го дигитализираме и тој ќе биде транспарентен и достапен до секој оној што сака да се интересира за историјата и за неговите детали. Ќе биде зачуван како што треба по сите европски стандарди на еден државен архив“, рече Крстески.

Како што соопшти Груби, примерокот 20 години во домашни услови го чувал Илир Љума од Тетово, поранешен член на ПДП. За разлика од него, ваков примерок не поседува ниту една од политичките партии, претседателот на државата или пак, до овој момент, Државниот архив.

Груби ја пофали високата свест на Љума наспроти, како што рече, негрижата на сите институции и политички партии кои не го архивирале документот.

„Станува збор за човек кој бил асистент во потпишувањето на Охридскиот договор и потоа го земал од канцелариите на најстарата политичка партија на Албанците во државата и во домашни услови води грижа на архивски начин за овој документ. Нашите истражувања нѐ доведоа до оваа откритие и господинот Љума пред две недели го достави овој документ во мојот кабинет“, истакна Груби, потенцирајќи дека  ги исконтактирале сите канцеларии на седумте потписници на Охридскиот рамковен договор во обид да го обезбеди оригиналниот документ, но без успех.

Груби информираше и дека главниот настан за одбележување на 20-годишнината на потпишувањето на Охридскиот рамковен договор ќе се одржи в петок и на него свое учество потврдиле Џорџ Роберстон, Питер Фејт, Дејвид Филипс, Пол Вилијамс, членови на Владата, претседателот на државата и поранешни министри и функционери.

- Реклама -