Скопското јавно обвинителство му предложи на Основниот кривичен суд Скопје да изрече парични казни од по 2.000 евра за осум лица, на возраст од 18 до 22 години, кои на 8 јануари биле затекнати на приватна прослава на улицата „Васил Ѓоргов“, во домот на една од обвинетите, со што сториле кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија согласно член 206 став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
На истата прослава биле затекнати и седум малолетни лица, за кои ќе се спроведе постапка согласно Законот за правда на децата.
Со ова, обвинетите постапиле спротивно на прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за спречување на ширењето на опасна заразна болест, а кои се однесуваат на забрана за одржување на прослави на отворен и затворен простор во периодот од 18.12.2020 до 21.01.2021 година, посочуваат од Основното јавно обвинителство Скопје.