Платон – најголемиот критичар на уметноста

art-gallery[1]

Уметноста е насекаде околу нас, а сепак, многумина сметаат дека не „контаат“ уметност.

За да се цени уметноста, човек прво треба да дефинира што е уметноста. Тоа звучи полесно да се рече отколку да се направи, бидејќи околу суштинската идеја – што го разликува уметничкото дело од обичната работа – се расправа со векови, и таа постојано еволуира. Почнувајќи од античката елаборација на Платон дека уметноста ја имитира природата, па до модерното сфаќање на уметноста како креативен израз во речиси секаква форма – уметноста е постојано присутна во нашите секојдневни животи. Облеката што ја купуваме и носиме, зградите и објектите покрај кои поминуваме и сите форми на забава што ги консумираме – сé тоа е под влијание на уметноста, ако не е и самото уметност.

Зошто создаваме уметност, и уште поважно, која е вредноста на уметноста? Тоа е главното прашање што грчкиот филозоф Платон го поставува уште пред повеќе од два милениума.

Платон е првиот вистински уметнички теоретичар. Платоновата идеја се сведува на тоа дека уметноста е во основа имитирање на природата. Еј супер! Како слика од птица, така? Звучи како добра ствар, ама не е. Платон воопшто не го ценел имитирањето на природата, главно заради тоа што, по негово мислење, имитацијата не е добра како реалното нешто.

Платон ама ич не бил фан на слики со мртва природа и овошје во чинија и вазна со цвеќе поставена до неа. Наместо тоа, Платон би сакал вистински да ја има чинијата со овошје што навистина може да го изеде и вистински да ја има вазната со цвеќе што  навистина може да го помириса. Очигледно Платон не се занимавал со фактот што овошјето може да изгние, ама сликата да трае многу подолго, додека траат материјалите од кои е направена. Ама тоа и не е така чудно.

428 - 348 година п.н.е.
428 – 348 година п.н.е.

Платон, како филозоф, бил во потрага по вистината. Според него, имитаторскиот аспект на уметноста бил неискрен кон умот, дури и нечесен. Во најмала рака, уметноста премногу се фокусира на изгледот, на визуелното. Во нејзините рамки, уметникот ја има слободата да ја видоизмени природата во нешто што е визуелно уште попривлечно од самата природа, а според Платон, тоа би било лага. Тој одел и дотаму што ги сликите ги нарекувал „соништа за тие што се будни“. Пак звучи како комплимент, ама Платон ја користел таа фраза со сосема спротивен ефект. За Платон, нема поубаво нешто од буден ум, затоа и не му требаат соништа.

Филозофот се обидел да воспостави хиерархија на „вистинската основа на знаењето“. Тој без двоумење ги рангирал занаетчиите – тие што работат со своите раце (грнчар, ткајач и сл.), над сликарите, бидејќи нивниот продукт е функционален. Паралелно, неговиот груб став одел дотаму што сметал дека „имитаторскиот уметник“ (поет, актер, музичар, сликар и сл.) не содржи ништо повеќе вредност од човек што стои со огледало свртено кон светот. Интересно е што ги поставил уметностите кои вклучуваат читање и пишување на врвот на неговата хиерархија, и покрај фактот што многу мразел поети.

Па, ако Платон бил толку неимпресиониран од уметноста, тогаш зошто се повикуваме на неговите филозофии? Роберт Вилијамс во својот одличен текст „Art Theory: An Historical Introduction“ поставува теорија дека „Можеби Платоновата осуда на уметноста треба да биде сфатена како предизвик, како повик за повисока, вистински филозофска уметност“.

Дефинитивно звучи како веројатна замисла на еден од најголемите филозофи на сите времиња, ама и да не е така, наследството од Платон е огромно. Пред сé, тој го воспостави основниот вокабулар со кој денес дискутираме за уметноста, а со тоа што ја почна дискусијата за вредноста на уметноста, Платон без да знае го создаде тоа што денес го нарекуваме „уметнички критичар“.

- Реклама -