Европската комисија предлага постепено укинување на итните мерки против коронавирусот, со подолги паузи меѓу фазите. Планот се очекува да ѝ биде претставен на јавноста после Велигден по Грегоријанскиот календар, пишува германскиот „Die Welt“.
Првичната намера на комесарите била планот да се усвои во средата, по што претседателката на комисијата – Урсула фон дер Лејен, би го претставила на јавноста. Меѓутоа, на инсистирање на членките, планот ќе биде објавен после Велигден.
Во планот до кој дошол „Die Welt“, се бара од земјите членки да направат распоред за ублажување на мерките во Европа. Мерките прво ќе се укинуваат на локално ниво, а потоа ќе се прошират и кон надвор, се наведува во документот.
Во сѐ уште необјавената „Стратегија за укинување на ограничувањата“, се наведува дека истото треба да се одвива постепено, во фази, а паузите меѓу фазите треба да се во рамките на еден месец.
Од друга страна, стратегијата предвидува мерките за заштита на постарите лица подолго да останат во сила. Овие лица можеби ќе треба да останат во некаква изолација најмалку до следната година:
„Мораме што е можно повеќе да го ограничиме контактот со постарите лица сѐ додека не биде развиена вакцина против Ковид-19“, изјави фон дер Лејен вчера за германски „Bild“.
Забраната за собири на поголем број луѓе постепено ќе се ублажува – на почетокот ќе биде ограничен бројот на луѓе кои можат да бидат во продавница во исто време, а во училиштата децата ќе седат раздвоени едни од други, па одделенијата ќе бидат помали. Баровите, рестораните и културните установи постепено ќе се отвораат, додека забраната за масовни собири, како што се фестивалите, ќе биде укината подоцна, се наведува во документот.
Едно од важните барања наведени во Стратегијата е координирано постапување на членките.
„Роковите и модалитетите на стратегијата можат да се разликуваат од држава во држава, но е неопходно да постои заеднички пристап и заедничка рамка“, се наведува во документот.
Во планот се додава и дека „не треба сите во исто време да се вратат на работа“. Се препорачува приоритетите да се утврдат според важноста на дадениот бизнис за економијата, како и според тоа дали одреден вид бизнис може да биде обавуван од дома.
Извор: B92