Плаќал 330 евра кирија за „стан“ од 1.5 метар квадратен

Апелациониот суд во Париз го казни сопственикот на станот со 10.000 евра. Тој цели 15 години го изнајмувал „станот“ со површина од 1.56м² , и тоа по цена од 330 евра месечно! Казнета е и агенцијата која го издавала станот. Очигледно, „балкански работи“ се прават и низ Европа.

Ова е прв ваков случај во кој две третини од отштетата, како и судските трошоци, паѓаат на грбот на агенцијата, која во случајов немала законско право да го карактеризира просторот како „станбен“.

Она што е најтажно е што во истиот тој „стан“, декада и пол живеел сега 50-годишен самец, кој редовно си ја плаќал нереалната кирија од 330 евра. Во микро-станот има едвај послан душек, чешма и садопер.

Jean-Léon_Gérôme_-_Diogenes_-_Walters_37131
Модерниот Диоген воопшто не би го ни барал „човекот“. Би претпоставил дека го нема.

Тужбата е поднесена од страна на хуманитарната фондација Abe Pjer, со обвинение за „издавање на станбен простор со нехумани услови за живот, без тоалет и купатило“. Случајот е откриен откако соседите го упатиле кираџијата да побара совет во наведената фондација. Сопственикот ќе мора да плати 10.000 евра за нанесување на материјална штета, 1.000 евра заради нанесување на душевна болка и 815 евра трошоци за селидба. Сепак, од фондацијата бараат на нивниот штитеник да му се исплатат минимум 19.000 евра, колку што вкупно платил за кирија во последните 5 години, како и 5.000 евра за нанесена душевна болка.

Овој е само уште еден во низата слични случаи во Париз, кои неодамна беа обелоденети во јавноста. Сепак, ова е до сега најмалиот простор кој бил издаван како станбена единица. Фондацијата во моментов истражува преку 35 случаи на издавање на станови со површина под 9м². Последниот случај за кој се пишуваше се однесуваше на еден стан од 4м² , во центарот на Париз, во кој живеела самохрана мајка која плаќала кирија од 200 евра месечно.

Инаку, со Декретот на француската влада од 30 јануари 2002-та, се забранува издавање на станови со површина помала од 9м и висина под 2.20 метри.

- Реклама -