Pixel 9 ќе има опција „Додај ме“, за да се додадете на групна слика отпосле

Како и досега, пред официјалното излегување на новиот телефон на Гугл, Pixel 9, на интернет се појавија низа протечени информации за тоа како новиот уред ќе изгледа и какви опции ќе нуди за корисниците. Една од нив е и можноста која ќе овозможи корисниците никогаш да не отпаднат од групните фотографии.

Новата опција, наречена „Додај ме“ беше откриена од Android Headlines, а видеото во кое беше откриена сега е повлечено од Јутјуб. Рекламата која тие ја споделија покажува како некој користи Pixel 9 за да слика две другарки пред комбе. По фотографирањето, фотографката се менува со двете пријателки за и таа да се слика пред комбето, а Пиксел покажува бледа фотографија како нејзините две пријателки стојат покрај неа. Потоа нејзината другарка слика и на конечната фотографија се трите другарки.

Судејќи по изгледот во рекламата, Pixel 9 ќе може да спојува две фотографии со иста позадина, овозможувајќи да додадете некој на групна слика, дури и кога тој не е таму или кога некој волонтира да фотографира. Оваа опција изгледа интересно, а се очекува да биде промовирана со промоцијата на Pixel 9 на 13 август.

Опцијата „Додај ме“ е уште една во низата опции кои корисниците на Pixel ги добиваат и кои ги замаглуваат линиите помеѓу тоа што е реално и тоа што не е. Минатата година, Гугл го презентираше „Волшебниот бришач“ кој со помош на вештачка интелигенција овозможува да бришете луѓе и објекти од фотографиите, а корисниците на Pixel ја имаат и можноста „Најдобро испаднати“, за да заменете нечија фаца на фотографија, доколку на друга е испаднат подобро.

Извор: Verge

- Реклама -