Пивара Скопје, Пакомак и Мен енд Маунтен (организатори на Генералка Викенд) ја најавија досега најголемата еколошка акција – ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 2022, што ќе се спроведува во 26 општини низ државата, вклучително и во Град Скопје. Еко-акцијата е поддржана и од Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во пролетниот дел од акцијата, која во повеќето општини ќе се одвива од 6-ти до 8-ми мај 2022, ќе биде собран целокупниот сув отпад од локациите што се одредени од страна на секоја општина посебно. Предвидено е вработените и членовите на менаџерскиот тим на Пивара Скопје, заедно со администрацијата на Град Скопје и со останатите партнери и заинтересирани граѓани, во петок, 6. мај, да го собираат отпадот од врвот, пешачките патеки и падини на планината Водно, со што и официјално ќе биде означен почетокот на „Генералка викенд 2022“.
„Со најновата еколошка акција, која ќе биде досега најголема акција од ваков вид во земјата, сакаме да постигнеме двоен ефект во заштитата на природата. Со пролетниот дел од оваа акција сакаме да го собереме отпадот од голем број локации ширум земјата, а со есенскиот дел сакаме да придонесеме за збогатување на шумскиот фонд. На ваков начин ние продолжуваме да ја реализираме платформата „Свет без отпад“ и иницијативата за намалување на CO2 во атмосферата, кои се дел од нашата долгорочна стратегија за одржлив развој, а истовремено придонесуваме и за доброто на целата заедница, на што сите ние во Пивара Скопје сме посебно горди“, изјави Марија Мининчиќ, менаџерка за партнерства со заедницата на Пивара Скопје.
„Генералка Викенд 2022 е продолжение на акциите за чистење на кејот и водите на Вардар и езерото Матка кои, заедно со нашите партери, ги спроведувавме во изминатите неколку години. Но, оваа акција има и друго посебно значење, а тоа е дека ја организираме во годината кога прославуваме 100 години од основањето на Пивара Скопје, што дополнително покажува колку за нас се важни чистата животната средина и интересите на заедницата. Посебно нѐ радува што со секоја нова ваква акција се зголемува и бројот на партнери што се вклучуваат во акциите, како и бројот на локации кои ќе бидат исчистени. Фактот дека оваа година ‘Генералка викенд’ ќе се одвива во 26 општини, покажува дека се зголемува свесноста во заедницата дека заедно можеме повеќе да придонесеме за почиста и поздрава животна средина, што е една од основните цели на овие еко-акции“, потенцираше Мининчиќ.
За собраниот отпад во текот на акцијата и овој пат ќе се погрижи Пакомак кој, во соработка со локалните комунални претпријатија, ќе направи негова соодветна селекција и рециклирање.
„Нѐ радува што оваа акција веќе се преточува од локална традиционална активност во активност од национален карактер, подржана од сѐ поголем број на jавни институции и општини, aмбасади, приватни компании, но и лица волонтери. Ова е еден од начините со личен пример да ја подигнеме свеста кај населението за заштита на животната средина и околината што нѐ опкружува. Кога секој би се грижел отпадот од пакување да завршува во соодветната корпа би имале многу почиста животна средина и поубаво окружување за нас, но и за нашите поколенија”, вели Ико Бардаровски, менаџер за развој на бизнис и комуникации на Пакомак, првата и најголема специјализирана компанија за управување со отпад од пакување во земјата.
Како продолжение на акциите за пролетно чистење, во рамки на „Генералка викенд 2022“ предвиденa е и акција за пошумување што ќе се спроведе наесен. Бројот на дрвцата што ќе бидат засадени ќе зависи од количината на отпад што ќе биде собрана за време на пролетното чистење, при што за секои 10 килограми собран отпад ќе биде засадено по едно дрвце. Дополнителен број садници ќе се обезбедат од средствата што ќе бидат донирани преку платформата наречена „Сончева гора“ која ќе биде отворена за сите заинтересирани поединци и компании. Локациите за засадување на новите дрвца и нивниот вид, ќе бидат одредени во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈП „Национални шуми“, Институтот за биологија и геологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и граѓанските организации кои активно работат во оваа област.
„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја поздравува оваа акција за подобрување и заштита на животната средина. За поддршка на оваа иницијатива, Министерството преку својата редовна програма за проширена репродукција на шумите со која се финансира пошумувањето на голините во нашата држава, ќе посвети и засади, преку ЈП „Национални шуми“ – Скопје, за секои 10 килограми собран отпад по една садница, со можност овие новопошумени површини да бидат именувани како ‘Сончева Гора’“, изјави Саша Јовановиќ, раководител на сектор за шумарство и ловство во МЗШВ.
„Откако ја започнавме ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД во 2021 година, ги поврзавме сите слоеви на нашето општество – граѓани, невладини организации, општини, важни компании и институции за да следиме заедничка цел: да го рециклираме отпадот од минатото во зелена иднина која треба да даде надеж и можности за нашите и следните генерации да останат во нашата земја. Нашата цел е да ја исчистиме татковината од отпад во периодот од 2021-2031 година и затоа сега е време да се извалкаме и чистиме!“, кажа Гордана Софија од организаторите на „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“ – Мен енд Маунтен.
Инаку, како составен дел од „Генералка викенд 2022“ предвидено е да се организира и специјален фестивал во Крива Паланка на кој преку спој од добра музика, храна, пијалаци и претставување на локални уметници и занаети, ќе се прослави акцијата за пролетното чистење. Од Мен енд Маунтен велат дека ваквите прослави ќе придонесат оваа акција да прерасне во традиционална и да се одржува секоја година.
Сите информации поврзани со организацијата на „Генералка викенд 2022“, вклучувајќи го и распоредот на акциите за чистење по општини, може да се добијат на групата ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД на Фејсбук: https://www.facebook.com/groups/generalka.weekend каде во исто време додека се одржуваат волонтерските акции ќе бидат прикачени и споделени сите интересни новини, фотографии и видеа.
* Комерцијален текст