Луѓето веќе одамна имаат докажано дека се способни да направат неверојатни нешта. Работејќи заедно стигнавме до Месечината. Работејќи заедно ја имаме сета информација на светот достапна на смартфонот во џебот. И кога мислиш дека сé е супер, нешто ќе тргне наопаку и ќе стане срање. Зошто? Заради „Питеровиот принцип“.
Питеровиот принцип вели дека сé што усеруваме, усеруваме заради некомпетентност. Фората е во тоа што сé се стреми кон некомпетентност, а тоа воглавно е резултат на амбицијата. Еве вака:
Луѓето што се добри на моменталното работно место биваат унапредени во повисока позиција во хиерархијата т.е. подобро работно место со подобра плата. Ако се добри и на тоа работно место, повторно ќе бидат унапредени на нова повисока позиција со подобра плата. Ако се добри и таму, повторно ќе бидат унапредени… и сé така, додека не бидат унапредени до позиција каде што веќе нема да бидат добри и ќе станат неспособни да ги извршуваат своите задачи т.е. ќе го достигнат својот „степен на некомпетентност“. А да се вратиш назад во хиерархијата или да ја одбиеш сочната плата е многу тешка работа, па така, според Питеровиот принцип, единствено што е потребно е доволно време и доволно нивоа на хиерархија, за на крајот секоја работна позиција да се исполни со некомпетентен работник што веќе не може да ги исполнува своите должности.
Со други зборови, сé што работи е тестирано до степен кога престанува да работи како што треба, а така е и со луѓето. Модерното амбициозно општество што се крсти во унапредувањето е така поставено што стремежот кон подобро и поголемо всушност нé води кон медиокритет, а прогресот во име на прогресот – до пропаст.
Пазете, оваа грешка во поставеноста на нештата професорот Лоренс Џ. Питер ја воочил уште во индустриската ера, кога почнале да се формираат компании со по стотици и илјадници вработени. Така прониклив, очекувано е да го има и решението, така? Е па да, го има, ама може да не ви се допадне. Според Питер, единствениот начин да избегнеш да станеш заглавен на позиција каде што ќе бидеш лош во работата, е да се преправаш дека си лош во работата уште додека си на работна позиција на која си добар во работата. Или тоа, или биди си некомпетентен и помогни му на човештвото да го стигне својот „степен на инкомпетентност“.
Ѕирнете го видео есејов на Адам Вестбрук. Ем малку подетално ќе објасни, ем стварно е кул: