Пијанофорте повторно на музичкиот камп „Рамо до рамо“ 2024 во Гетеборг


,Side by Sideбеше школа за  совршена организација, мотивација, инспирација и дисциплина и пред сè тимска работа.

Децата беа дел од нешто грандиозно и верувам ќе им влијае супер позитивно ова искуство во животот!“ – Надица

Ова се зборовите на родител кој за прв пат го вклучи своето дете виолинист на „Сајд бај сајд“. И, зарем не е ова импресијата која секој сака да ја понесе после учество на летен музички камп?

„Од новиот свет“, „Кан Кан“ и традиционалните фанфари на „Ел Система“ звучеа моќно во Гетеборг, а таму, во гудачката секција, свиреа и четворица наши виолинисти. За нив, приказната за Дворжак и настанувањето на симфонијата „Од новиот свет“ ќе остане врежана во главите уште долго. Кога Дворжак од Европа за прв пат стапнал на американско тло, тој бил импресиониран од новата култура, темпото на живеење, звуците на градот, но и музиката на различните култури. Импресиите биле толку силни, што со леснотија ги врежал во ова музичко дело. Зарем не е волшебна симболиката што токму со темата од оваа композиција нашите виолинисти се соочија со за нив новиот свет на симфониското музицирање?

Се свиреше и „Кан Кан“, како исклучително популарна и препознатлива мелодија. Одличен избор за децата да се чувствуваат удобно во музиката што ја свират! И, пред сè горди поради сознанието дека се веќе толку напредни, што немаат ограничувања, можат и тие да свират мелодии што веќе многу пати ги слушнале и им се радувале.

А, колку деца на деветгодишна возраст знаат што се фанфари, или пак свиреле во симфониски оркестар со сите инструментални секции? Тие веќе знаат кој инструмент ќе го слушнат уште кога ќе видат на каде покажува диригентот. А кај фанфарите, секако најгласни и најважни беа лимените дувачки инструменти, кои во нашето детско музичко образование се најмалку застапени.

Оние со повеќе искуство не се изненадија од квалитетот и вредностите на фестивалот. Веќе шест години Пијанофорте вклучува свои ученици на овој летен музички камп во Гетеборг, Шведска. Музиката е универзален јазик. Некогаш самата претставува мотивација за патување, а некогаш тоа е константата која нè држи стабилни доколку често патуваме! Благодарение на оваа константа, на универзалната љубов кон виолината, пред шест години и во Македонија дојдоа првите искуства од Side by Side. Имено, во текот на својот престој во Македонија, трајните вредности на овој оркестарски камп ги донесе млада виолинистка од Шведска, која беше ученик на Пијанофорте во нејзиниот македонски период од детството. Таа го продолжи редовното годишно учество во кампот, а подготовките се одвиваа со помош на професор по виолина од ова училиште, од Македонија. Потоа, во 2023 година, за прв пат се вклучи уште еден долгогодишен ученик на Пијанофорте, за оваа година Македонија да учествува дури со четворица виолинисти, меѓу кои и наш професор во улога на наставник – настапувач. И повторно, овие виолинисти летото го започнаа заедно – со активен одмор!

ШТО Е „РАМО ДО РАМО“?

Side by Side  е меѓународен камп за оркестар и хор, организиран од Гетеборшката филхармонија, а поддржан од Градот Гетеборг и бројни локални институции кои гордо го спонзорираат настанот. Со својот раст од единаесет години, тој е веќе влезен во агендата на младите музичари на возраст од 6-23 години, пред сè од Шведска и околината, но и од членови на програмите инспирирани од Ел Система ширум светот. Тие заедно вежбаат и настапуваат во концертните сали на Гетеборг.

ШТО ВЕЛАТ РОДИТЕЛИТЕ?

„Самите проби се всушност предавања од диригентот кој на едноставен начин им објаснува на дечињата што значат неговите движења, како да свират, како да го следат. И тие мали прекрасни умови сè си помнеа!“ – Елена

Благодариме Пијанофорте што ги отварате светските искуства во музичкото школување. “ – Надица

Во кампот се вклучени и родители и други помагачи на децата учесници. Поддршката од семејството е драгоцена за младите музички надежи! Овие млади виолинисти ја добија својата сесрдна помош и поддршка од семејството. Тие комплетно го финансираа ова нивно патување и пристигнаа во Гетеборг со семејствата. Со свои очи се уварија во врвниот квалитет на фестивалот, а секако и помагаа на секој чекор, како што доликува на еден камп кој се потпира на кредото дека сè правиме заеднички: деца со возрасни, ученици со професионалци, диригенти со изведувачи. Им посакуваме на идните генерации веќе од наредната година да изнајдат финансиска поддршка со која ќе може помасовно да се посети овој камп! Музичкото училиште Пијанофорте веќе остави зад себе имиџ на добра организација и добри виолинисти, па е подготвено во иднина да учествува во кампот со уште поголем број виолинисти, па и хористи!

СВИРИМЕ ЗАЕДНО и во ПИЈАНОФОРТЕ

Концептот на концертирање заедно со музичари професионалци се одрази и во методологијата на виолинската класа во Пијанофорте.

Како предвесник на фестивалот, аранжманот од „Кан Кан“ тие го подготвија со својот оркестарот во проширен состав, а водечка улога заземаа учесниците на Сајд бај сајд. Со „Кан Кан“ тие настапија на завршниот свечен концерт на училиштето, а имаа и ред настапи како поддршка на приредбите на дел од градинките на матичната општина.

Во текот на годината, учениците настапуваат заедно со наставниците во драмски скечови, рецитација, едукативна анимација на деца, хор, камерна музика и оркестар.

Покрај настапите и работилниците со музичари – наставници од училиштето, тие имаа и работилница со камерниот оркестар ПРОФУНДИС, како пандан на фестивалот во Гетеборг.

МОТИВАЦИЈА

За квалитет треба многу работа. А за работа, треба многу мотивација! Што е успех? Како се вреднува успехот? Дали е сè во наградите и признанијата? Успехот се гледа и во само-раст и развој. Мотивираност за работа над себе и долгорочниот развој е одлика на високо интелигентна личност. На „Сајд бај сајд“ никој не е подобар од другиот! А сепак, секој на крајот на настанот станува подобар од себе.

„Среќни сме што во ера на висока компетитивност, најдовме платформа на која децата ќе најдат сатисфакција во самиот процес на учење, ќе се натпреваруваат самите со себе и заеднички ќе ги уживаат плодовите на долготрајната темелна работа.“ – Тереза, професор-учесник

Пробите во Гетеборг ги одржуваат реномирани професори/диригенти од целиот свет кои успеваат да им го задржат вниманието на учесниците и да ги подучат на она што им е потребно во нивната етапа на учење. За време на пробите професорите и диригентите создадоа атмосфера дека сите деца иако се различни и доаѓаат од разни делови на светот (Македонија, Италија, Украина, Кина, Грција, Србија, Шведска, Данска), дојдени се да бидат едно во оркестарот и се добредојдени во Гетеборг како дел од Side by Side. Голем дел од учесниците од Шведска со години ја негуваат желбата да бидат дел од Side by Side и со гордост ги носат и маичките со боите од претходните учества.

На пробите, децата се мотивираат да работат на себе, на својот виолинизам. Наставниците и другите професионални музичари се мотивирани да го прифатат овој стил на работа и веќе го пренесоа и во нивното училиште.

Проби со оркестарски музичари, проби со музички педагози, проби со диригенти… И секоја проба е исполента со конструктивна игра, забава и многу работа!

Резултатот – прекрасни концерти, самодоверба и многу, многу нови знаења!

Концертите ги прикажуваат достигнувањата на специјалниот „отворен“ хор и бенд со лица со посебни способности, фолклорна група, танчари, хорови и симфониски оркестри на сите нивоа.

КОНТАКТИ, ПРОФЕСИОНАЛНА ИДНИНА ИЛИ ДРУЖЕЊЕ?

Оваа година Пијанофоте пријави група од деца од 8-10 годишна возраст. Тие патуваа заедно со своите семејства, па така сите си поминале „најмузички и најдругарски“, како што самите велат!

Но, музичкиот фестивал не би бил комплетен ако е цел сама за себе.

Помеѓу учесниците, има и долгогодишни ученици по музика, идни професионалци претенденти кон престижни универзитети. Тие ги одржуваат контактите со музичките педагози кои се дел од кампот и го користат патувањето за уште некој час со омилениот професор, или уште некоја последна консултација пред приемните испити за на факултет. Перспективно, на него се остваруваат контакти, се договараат идни заеднички проекти. Па да се надеваме дека и Македонија наскоро ќе биде домаќин на ваков голем, колаборативен европски настан!

КОГА ЖИВОТОТ ТИ Е ПЕСНА

А, како се исполненти слободните моменти за дружење во кампусот? Спонтаната жива музика и танц се секојдневна глетка во попладневните часови, после вечера. А секако, неизбежното вежбање скали и потешки пасажи после појадокот а пред почетокот на пробите се задолжителен „позадински звук“ од училниците и собите на понапредните музичари – ученици. Прекрасна атмосфера која покажува дека „кога ќе го избереш она што го сакаш, ниту еден ден од животот нема да треба да работиш!“

 Овие деца и млади музицираат зашто го сакаат тоа, зашто уживаат во напредокот од вежбањето и ги сакаат музичките звуци кои самите ги произведуваат додека вежбаат.

- Реклама -