Научниците ја тестираа водата во шишињата на најголемите светски брендови, и заклучоците нема да ви се допаднат.
Резултатите покажуваат дека во речиси сите тие шишиња се најдени ситни пластични честици, т.е. микропластика.
Ова е најголемото истражување од таков вид, наведува BBC. Тестирани се 250 шишиња вода од 9 земји и разни производители. Истражувањето е спроведено од новинарската агенција „Orb Media“, во соработка со Државниот универзитет во Њујорк.
Откриено е дека во литар флаширана вода во просек има 10 такви честици, и сите со обем на човечко влакно. Компаниите што ги произведуваат водите, од друга страна, тврдат дека произведуваат вода по највисоки стандарди.
„Најдовме пластика во скоро сите шишиња. Поентата не ни е да посочиме со прст кон одредени произведувачи, туку да покажеме дека тие честици се насекаде околу нас. Пластиката продира и во водата што ја пиеме“, наведува Шери Мејсон – професор по хемија, нагласувајќи дека истражувањата прилично ги загрижуваат научниците.
Од каде пластика во водата?
Едно од можните објаснувања, а во конкретниов случај тоа е наведеното, е дека пластичните честици можеби потекнуваат од чепот/капачето откако и додека го отварате шишето. Само во 17 од вкупно 250-те шишиња не се најдени траги од пластика.
Се разбира, наодите се однесуваат конкретно на водата флаширана во пластични шишиња. Конкретните бројки се вакви:
• микропластика е најдена во 93% од шишињата
• во 1 литар вода се наоѓаат по 10 честици поголеми од 100 микрони
• во 1 литар вода се наоѓаат 314 честици помали од 100 микрони, за кои исто така се смета дека се пластични
Ако сакате да дознаете кај кои конкретни брендови се најдени траги од пластика, можете во оригиналниот текст на BBC.
За волја на вистината, многу од експертите и медиумите и многу пред овие истражувања предупредуваа дека треба да се пие вода од чешма секогаш кога е можно и кога водата е исправна. Со други зборови, да се избегнува флаширана вода, а ако веќе пиете таква, да се купува таа во стаклени шишиња.
Дури и кога се работи за пластичните шишиња, сигурно сте сретнале препораки за минимизирање на штетните последици. На пример:
• по употреба пластичните шишиња да се фрлаат, а не да се дополнуваат и реупотребуваат за пиење; или
• пластичните шишиња со вода да не се оставаат на сонце или летно време во автомобил, бидејќи топлината може да ослободи неповолни елементи од пластиката кои можат да предизвикаат евентуални пореметувања во телото; или
• да не се пие вода од оштетени шишиња бидејќи тоа може да овозможи ослободување на пластични честици во истата…
Дури и без тоа, пластиката на шишињата може да содржи канцерогени супстанци кои можат да прејдат во сокот или водата и да влијаат (негативно) врз хормонската рамнотежа. Иронично, но на самата пластика и ослободување на нејзини честици во содржината на шишето можат да влијаат и самите пијалоци; на пример, се смета дека газираните и алкохолните пијалоци можат да ја нарушат стабилноста на пластиката.
Се разбира, ништо нема да ви биде ако пиете флаширана вода само повремено. Сепак, може да е проблем ако вашиот извор на хидратација редовно се одвива преку пластично шише.
Производителите на пластичните амбалажи, како и големите компании што ги пласираат своите води и сокови во пластична амбалажа на пазарите, наведуваат дека не постојат доволно издржани истражувања кои дефинитивно би докажале дека пластичната амбалажа му штети на нашето здравје. Но исто така, реалноста е дека нема ни издржани истражувања околу тоа што годините на акумулирање на микропластика можат да предизвикаат во нашето тело.