Овој викенд се оддржа петтото издание на Скопје Стрит Фестивал, кој остави урбан печат на Град Скопје. Фестивалот и оваа година вклучи пет стејџа: графити, стрит бол помеѓу познати скопски кафулиња, денс стејџ во поддршка на Вип и Битрикс, стрит форум заедно со МладиИнфо, музички стејџ и многубројни креативни работилници. Организатор на настанот е агенцијата за организирање настани, Подиум Македонија.
Учесниците и посетителите велат дека викендов Скопје пулсирал со одлична урбана енергија. Повеќе од 10.000 посетители имаа можност да бидат дел од Скопје Стрит Фестивал оваа година, а Градски Парк беше преполн со млади и креативни артисти.
На натпреварите, во дневната агенда на фестивалот, победници на #StreetBall подиумот беа Баду Бар кои беа добитници на 4 карти за EXIT фестивал од Шпаркасе Банка. Посетителите имаа можност да гледаат одличен баскет и двата дена на фестивалот.
Оние кои сакаа да уживаат во уличен денс, имаа можност да ги проследат одличните брејкденс и хип-хоп натпревари на #VipStreetJam подиумот каде победници беа: Мила Серафимоска (Битрикс) во категорија деца, Марко Марковиќ (Вајб) во категорија јуниори и Стојанче Максимовиќ (Вајб) во категорија сениори.
Сите посетители кои беа дел од првиот #StreetForum во рамки на фестивалот, имаа можност да ги чујат приказните на наши познати урбани лица на темата “Мој град – Мој печат”.
Пеше од Green Out и Легијата изјави: „Се занимавам со хип-хоп музика веќе долги 15 години од животот и мислам дека тоа е еден од најголемите т.е. најголемиот печат што сум го оставил за градот Скопје“. Зорица Црношија пак изјави: „Она што сега го оставам како печат е можеби мојата лична, општествена одговорност. Според она што јас како сензибилитет и човек го носам во себе, важно е да оставам печат како корисен поединец на ова општество“. Пеце Суперхикс пренесе одлична порака до присутните: „Младите треба да се разбудат и да бидат поактивно вклучени во промовирање на сите сегменти на урбаните култури во градот“. Маја Казакова вели: „Го доживеав Скопје на точак, а преку емисијата придонесовме многу за средување на градот“. Ана Трпеска смета дека треба да му дозволиме на градот да се промени, а таа тоа успеала да го направи преку радио, дали преку култура, филм или добра музика за сите слушатели.
Во вториот дел на форумот, Дарко Арсовски, претставник од „На точак“ изјави: „Институциите можат да придонесат многу во тоа Скопје да биде вело-град. Да се потрудиме барем за еден степен Скопје да личи повеќе на метропола“. Даниела, пак, претставникот од здружението на лица со телесна попреченост, пренесе: „Заедно со градот Скопје и ЈСП го решивме проблемот со превозот на лицата со попреченост. Иницијативата се покажа како успешна и ќе остане како печат за сите наредни генерации“. Препораките ќе се проследат и до надлежните институции, а со тоа Скопје Стрит Фестивал ја потврдува својата мисија преку оставање на урбан печат врз Скопје.
На музичкиот подиум посетителите имаа можност да се забавуваат на одличните перформанси на Бета Хаус, Фанки Фреш, диџеј Славе, Game Over, Red Hot Chili Peppers (Tribute Band) и неверојатниот перфоманс на мега популарниот уличен артист Dub FX.