Немаше потреба за оставка на премиерот Зоран Заев, станува збор за локални избори и тоа е друго ниво од парламентарните, смета претседателот на НСДП – Тито Петковски.
Во „Само интервју“, Петковски истакна дека кога веќе Заев решил да се повлече, во тој случај треба да го наследи кадар од СДСМ, бидејќи, како што вели, станува збор за политичка Влада.
„Владата е стабилна. Доколку опозицијата смета дека нема простор за консолидација, тогаш нека предложи да се гласа за доверба и ќе биде јасно за три дена. Не се во состојба да се обезбеди тоа. За една година не се троши кредибилитетот на Владата. Еве на пример, ако одиме на предвремени избори и опозицијата изгуби, дали треба да ги повториме и локалните избори?!“, рече тој.
Според Петковски, има сериозни најави за поголемо парламентарно мнозинство од Алтернатива која, заедно со ДУИ, БЕСА и ДПА, треба да го усогласат новиот премиер.
Петковски смета дека моменталната Влада може да издржи уште 2.5 години до крајот на мандатот, доколку структурата остане иста.
Извор: МИА