Нова куклена претстава за деца „Петар Пан“ од маестро Боњо Лунгов, ќе биде утре (13.01) премиерно изведена во Театарот за деца и младинци – Скопје.
Претставата „Петар Пан“ говори за детето што никогаш не расте и кое секој од нас сака да го задржи во себе.
Директорот на Театарот за деца и младиници – Скопје Братислав Димитров, на денешната прес-конференција изјави дека светот може да биде подобар, но никој не сака да почне прв.
– Ние ќе почнеме со оваа претстава и нема никогаш да престанеме. Тој што го заборавил, го поттиснал или не дај боже го убил детето во себе, тој е само формално човек. За жал нашата цивилизација и светот одамна го заборавиле своето детство, истакна Димитров.
Режисерот Боњо Лугов изрази задоволство да работи во овој театар со извонредни глумци нагласувајќи дека претставата има многу имагинација, хумор, песни и смеа преку кои гледачите ќе доживеат фантастични моменти во земјата Недојдија.
– Претставата зборува за детето што треба секој од нас да го чува. Секој од нас, ако некогаш се сети кога бил дете, ќе стане подобар. Кога можеш да леташ, дали во буквална смисла или не, летот е лет. Ти полетуваш со желба и енегрија да направиш нешто во животот. Во таа смисла куклениот театар дава можност човек да потоне во една таква атмосфера, рече Лугов, додавајќи дека посетителите ќе полетаат со хероите со помош на волшебниот прав и ќе се присетат на игрите од детството.
Текстот на претстава е во превод на Трајче Кацаров, музиката е на Михаил Шишков, а автор на кукли, сценографија и костимографија е Дилјана Прванова. Во претставата учествуваат Ненад Митевски како Петар Пан, Наташа Петровиќ како Венди, Мартин Јорданоски како Капетан Кук, Татјана Павловска Кочовска како Ѕвончица и многу други.