Пет необични симптоми што не треба да се игнорираат

Добрата ствар во тоа да си хипохондрик е што нема да ги пропуштиш малите промени на своето тело на кои останатите не би им посветиле многу внимание. А експертите баш тоа препорачуваат – да се внимава на секоја таква промена, сé со цел рано откривање и навремена елиминација на опасните болести.

Во продолжение следуваат пар симптоми кои веднаш би ни паднале во очи како чудни појави, но на повеќето ни на крај памет не би им паднало дека можат да сугерираат опасност.

1. Кога на фотографија со блиц само едното око е црвено 

Црвените очи на фотографиите со блиц се прилично чести (иако поновите камери имаат низа автоматски опции за елиминација). Како настануваат?

При фотографирањето со блиц, светлото влегува во окото побрзо отколку што зеницата може да се стесни, а потоа светлото се рефлектира од очното дно и излегува назад низ зеницата. Камерата ја регистрира таа одбиена светлина како црвена зеница. Црвената боја доаѓа од крвта, т.е. црвените крвни клетки со кои е богата средината на дното на окото.

Меѓутоа, кога црвенилото се појавува само на едното око, тоа може да биде сигнал за болест – катаракта, инфекции, па дури и канцер. Истото важи и за децата – упатува на болести на очите. Зборуваме за вистински случај: кога една мајка сподели фотографија од своето дете на интернет, во коментари ѝ вратија дека треба да го однесе бебето на доктор. Таму дијагнозата беше потврдена – ретинобластома.

2. Црна линија на ноктот

Уште една фотографија на Фејсбук, овојпат од жена која посетила салон за маникир. На крајот излезе дека состојбата не била воопшто бенигна.

Имено, фотографијата е споделена од вработена во салонот, со предупредување дека ваквите знаци треба да се сфаќаат сериозно – во случајов со жената се работело за рак на кожа.

3. Ненадејна промена на ракописот

Ако ракописот на некое лице се промени ненадејно и без некакво рационално објаснување, тоа може да биде знак за Паркинсонова болест.

Преку ракописот може да се открие и Алцхајмерова болест, особено кога станува збор за букви со неправилен и „треперлив“ (како напишани од треперлива рака) изглед. Во овој случај ракописот се влошува паралелно со менталната состојба, а пишувањето со тек на време станува сé побавно. Зборовите значително се разликуваат еден од друг, со видливи „испади“ (како раката да изгубила контрола) на одредени букви.

Слично е и со Паркинсоновата болест, која освен со „испадите“ резултира и со потесни и позгрчени букви, додека ракописот некогаш станува толку ситен што ни самиот автор не може да го прочита.

4. Повремени одблесоци од светлина (флешови)

Ако одненадеж во своето видно поле почнете да воочувате блесоци од светлина кои не би требало да бидат таму, тоа може да е симптом на оштетување на мрежницата.

Тие одблесоци, кои обично луѓето ги опишуваат како „експлодирачки ѕвезди“ или „молњи“, обично се проследени со главоболки и вртоглавица, а тоа, се разбира, е супер повод да отидете на доктор.

5. Подуеност

Не е толку необичен симптомот колку што е неочекувана ноншалантноста со која му пристапуваме. Во денешно време сé повеќе луѓе се жалат на подуеност, а причини може да има еден куп – постојан стрес, прејадување, лоши навики во исхраната и дехидратација.

Обично подуеноста е само непријатна, а некогаш знае да биде и знак на помали пореметувања, како претерано размножување на бактерии во тенкото црево.

Меѓутоа, некогаш знае да биде и симптом на нешто посериозно – како целијакија, па дури и рак на матката. Ако паралелно со подуеноста забележите и болки или необјасниви промени во тежината, не ризикувајте и посетете доктор.

- Реклама -