Пет американски војници се ранети во напад врз базата „Аин ал Асад“ во Ирак

Нападот се случува во период на тензии помеѓу Иран и Израел по убиството на политичкиот лидер на Хамас во Техеран на крајот на минатиот месец

Пет американски војници се ранети во нападот врз воздухопловната база „Аин ал Асад“ во западен Ирак кој се случи вчера. Еден војник е потешко ранет и е во животна опасност, додека пак другите имаат нетолку сериозни рани, велат американски претставници.

„Можеме да потврдиме дека имаше ракетен напад врз американските и коалициските сили во воздухопловната база ‘Аин ал Асад’ во Ирак“,

велат од Министерството за одбрана на САД.

Според ирачките безбедносни сили, кон базата биле истрелани две ракети „Катјуша“ кои паднале внатре во базата.

Нападот се случува во време кога регионот на Блискиот Исток се подготвува за напад на Иран врз Израел поради убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије кое се случи минатата недела во напад, а за кој Иран, Хамас и либански Хезболах го обвинуваат Израел.

Од друга страна, властите во Тел Авив ниту потврдија, ниту негираа дека Израел стои зад нападот.  

„Важно е сите страни да преземат чекори во наредните денови за да се воздржат од ескалација и деескалација на тензиите“,

изјави денеска пред новинарите портпаролот на Стејт департментот, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ). 

Вчера, американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ги повика сите страни на Блискиот Исток да се воздржат од натамошна ескалација на тензиите. Пораките на Блинкен, како што јавуваат светските агенции, ги пренесе портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер. Тој изјави дека дипломатијата на САД испраќа пораки со кои ги повикува земјите да му кажат на Иран дека ескалација на ситуацијата на Блискиот Исток не е во нивен интерес.

Иран најави дека одмаздата врз Израел ќе спречи натамошна нестабилност на Блискиот Исток, но оти не сака дополнителна ескалација на тензиите кои се веќе високи по убиството на Ханије, пренесува РСЕ. 

„Ние веруваме дека Иран има право да го казни агресорот според меѓународното право“,

изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани, јави новинската агенција Тасним, блиска до иранската револуционерна гарда (ИРГЦ). 

Од друга страна израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го предупреди Иран и организациите Хамас и Хезболах кои ја имаат поддршката на Техеран да не го напаѓаат Израел. Нетанјаху изјави дека Израел е веќе во „мултифронтовска војна против иранската оска на злото“. 

- Реклама -