Пензиите ќе растат со надеж за подобро утре

Во земјава има околу 340 000 пензионери, па нема ништо чудно што партиите им ветуваат поголеми пензии за да ги привлечат како гласачи. Но, дали линеарното зголемување од 5 000 денари, кое го вети и почна да го реализира владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, е економски издржано

Дел од експертската јавност проценува дека таквиот потег е чекор назад бидејќи Владата драматично ги зголемува процентот и масата пари кои се одвојуваат од државниот буџет за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Од Министерството за финансии не мислат така

Лани во октомври по улиците во повеќе градови низ државата протестираа пензионери. Главно, бараа пензиите да им се покачат линеарно, односно и најмалите и најголемите пензии да пораснат за иста сума. Моделот кој и во минатото и во тој момент го применуваше државата е поинаков – сите пензии растат двапати во годината, во март и во септември, но за одреден процент од пензијата. А процентот се пресметува според растот на трошоците на живот и на просечната плата.

Фото: Принтскрин од видео на ТВ Канал 5

На 7 октомври 2023 година лидерот на тогашната најголема опозициска партија, а сега премиер Христијан Мицкоски се сретна со пензионери во Велес. И им го вети тоа што сакаа да го слушнат.

„Ние не сме чудотворци, но можеме да ви ветиме дека ќе биде многу, многу подобро од тоа што е сега и можеме да ви ветиме дека дел од овие средства коишто се наменети за богатење на корумпирани политичари, ќе завршат кај вас. Како ќе завршат? Преку зголемени пензии“,

рече Мицкоски.

Тогашното ветување на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се најде и во програмата на партијата за парламентарни избори, кои дојдоа набрзо.

„Ќе ги зголемиме пензиите за 5 000 денари во првата година од мандатот. Начинот на пресметка на зголемувањето на пензиите во последните години доведе до зголемување на финансискиот јаз помеѓу пензионерите, со што драстично се зголеми бројот на пензионери чии примања не ги задоволуваат основните животни потреби“,

напишаа од ВМРО-ДПМНЕ во изборната програма.

По победата на изборите на 8 мај и формирањето на Владата, Мицкоски соопшти дека на две рати ќе го оствари ветувањето за линеарно повисоки пензии. Тие ќе скокнат за 2 500 денари во септември 2024 година и уште за 2 500 денари во март 2025 година. За исплата на ветеното се обезбедија пари со ребалансот на буџетот, кој беше изгласан во Собранието на 12 август.

Каде се наоѓаат пари за пензии

Исплатата на пензиите за околу 340 000 пензионери во земјава е сериозна буџетска обврска. Зошто? Затоа што Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (Фонд за ПИОСМ) нема доволно свои пари, па „дупката“ се покрива од државниот буџет.

Парите што Фондот ги собира самостојно главно доаѓаат од луѓето кои во моментов се вработени во државава. На секој работник му се одбиваат од бруто-платата околу 18 отсто за пензиско осигурување, од кои околу 11 процентни поени одат во Фондот за ПИОСМ, а остатокот од околу седум процентни поени во вториот приватен задолжителен столб. Тоа се нарекува и солидарен модел, кога сегашните вработени ги финансираат сегашните пензионери.

Но, тие 11 отсто, на пример, во 2018 година биле доволни само за околу 57-58 % од парите потребни за пензии. Остатокот од 42-43 % се покривал од буџетот. Токму во таа 2018 година почна да се применува правилото за раст на пензиите согласно просечната плата и трошоците на живот. А веќе следната 2019 г., порасна зафаќањето од бруто-платата што завршува во Фондот за ПИОМ за 0,4 процентни поени. Сето тоа придонесе, за првпат по подолго време, да се намалат процентот и сумата на пари за пензии која се исплаќа од државниот буџет. Така, во 2022 година учеството на државниот буџет падна значително, на околу 33 отсто во вкупната маса за пензии.

Извор: ФПИОСМ и пресметки на „Фајненс тинк“

Целта на претходната влада предводена од СДСМ беше тој процент да продолжи да се намалува. Не со ново зголемување на процентот за придонеси, туку посредно – преку зголемување на платите, што подразбира и поголема маса на пари во Фондот за ПИОСМ кои не доаѓаат од буџетот.

Колку ќе платат работниците за повисоките пензии

Од Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ (Finance Think) за „360 степени“ велат дека менувањето на курсот кон линеарно зголемување на пензиите несомнено ќе го подобри животниот стандард на пензионерите со ниски пензии. Но, неминовно ќе се прекине позитивниот тренд на намалување на парите од буџетот за Фондот за ПИОСМ.

„Со вакво зголемување на пензиите, таа состојба – колоквијално наречена ‘дупка’ во Фондот за ПИОСМ – значајно ќе се зголеми. Тоа е отстапување од патеката на консолидација од Фондот за ПИОСМ која отпочна по 2019 година, со благата реформа за зголемување на стапките на придонесите и интервенции кај заменските стапки“,

велат од „Фајненс тинк“.

Според проценките на „Фајненс тинк“, доколку се напушти актуелниот модел на усогласување за сметка на линеарниот, покачувањето од само 2 500 денари ќе создаде дополнителен трошок од 13,5 милиони евра месечно, односно 160 милиони евра годишно.

„Во моментов, се трошат нешто над 140 милиони евра месечно за исплата на пензиите. Со редовното усогласување, тоа е нешто под 6 милиони евра дополнителен трошок месечно, односно дополнителен трошок од 68 милиони евра годишно. Ако се напушти редовното усогласување, а се примени линеарен метод, дополнителни 2 500 денари по пензионер во септември креираат дополнителен трошок од 13,5 милиони евра месечно, односно 160 милиони евра годишно. Тоа се дополнителни средства од близу 100 милиони евра на годишно ниво (споредено со трошокот за редовно усогласување н.з.). Во март, разликата веројатно ќе биде нешто поголема, бидејќи претпоставуваме дека законското усогласување би било помало. Значи, завршуваме со потреба од додатни 200 милиони евра, што е 12 отсто од сегашните расходи на ФПИОСМ. Тоа е голем износ“,

велат од „Фајненс тинк“.

Според „Фајненс тинк“, ова значи дека напредокот од последните неколку години, кога се намалуваше учеството на парите од буџетот во пензиите, ќе биде поништен.

„Моменталните пресметки говорат дека тој дефицит кај ФПИОСМ ќе се зголеми од сегашните една третина на близу 40 отсто“,

велат проекциите на „Фајненс тинк“.

Логото на Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ (Finance Think)

Ова го отвора прашањето на кој начин ќе се финансира ваквата мерка. Според „Фајненс тинк“, средствата ќе се покриваат од општото оданочување. Тоа веќе се гледа кај буџетскиот дефицит, ако не се пристапи кон кратења на други места.

„Притисокот врз дефицитот го согледавме за време на сегашниот ребаланс, тој се зголеми од 3,4 отсто на 4,9 отсто, што е раст од 44 отсто. Не е целосно воден од предвидениот раст на пензиите, бидејќи забележете, сега зборуваме само за половина од ветените 5 000 и тоа за преостанати 4 месеци од годината, но ако го пресметаме на годишно ниво, тогаш тоа е значаен притисок. Кај ребалансот, дел од притисокот врз дефицитот доаѓа и од фактот дека претходно проектираниот дефицит претходната влада го истрошила со 71 отсто за 6 месеца од годината, а притоа и не предвидела исплати по однос на веќе преземени обврски“,

велат од „Фајненс тинк“.

Според нив, Фондот за ПИОСМ е неодржлив не само на долг рок, туку и на краток рок.

„Ако му речете на ФПИОСМ, не се надевајте на трансфер од буџетот и покривајте пензии само од изворните приходи од придонеси, тој ќе банкротира денес“,

посочуваат од невладината.

Владата тврди – растот на економијата ќе плати за повисоките пензии

Фондот за ПИОСМ, секако, не може тукутака да банкротира. Но, сметката, некој и некогаш, мора да ја плати. Кој и кога, беа само дел од прашањата што ги упативме до Министерството за финансии.

Оттаму велат дека со неодамнешниот ребаланс на буџетот се обезбедени дополнителни 81,3 милиони евра за исплата на пензии до крајот на 2024 година.

Но, од нив, само половина се за реализација на најавеното линеарно зголемување на пензиите од септември, кои ќе бидат исплатени во октомври. Останатите се средства кои не биле испланирани со иницијалниот буџет.

На прашањето, пак, дали ќе се зголемат некои постоечки или ќе се воведат нови давачки за финансирање на покачувањето на пензиите, од одговорот на Финансии може да се заклучи дека не го планираат ниту едното ниту другото. Напротив, очекуваат да растат приходите во Фондот врз основа на раст на платите и бројот на вработените.

„Пензиите се исплаќаат од сопствените извори на приходи на Фондот што ги остварува преку наплатата на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување на плата. Очекувањата се дека во наредниот период, со растот на платите и бројот на вработените, ќе се зголемат изворните приходи на Фондот и тоа ќе влијае на стабилизирање на состојбата“,

велат од Министерство во одговор на нашите прашања.

Зградата на Министерството за финансии / Фото: Архива

За разлика од пресметките на експертите од „Фајненс тинк“ кои покажуваат дека линеарното зголемување на пензиите дополнително ќе го оптовари државниот буџет, од Финансии тврдат дека мерката нема да чини поскапо од усогласување на пензиите согласно растот на платите и трошоците за живот.

„Фискалниот ефект по буџетот е речиси идентичен, независно дали станува збор за усогласувањето согласно постојните законски прописи или реализацијата на линеарното зголемување на пензиите, со што средствата се прераспределуваaт на исто ниво кај сите пензионери и нуди можност за поголемо зголемување на пенизите на оние пензионери со пониски примања“,

се вели во одговорот од Министерството за финансии.

За тоа дали Владата и во иднина ќе продолжи со линаерно покачување на пензиите или ќе се врши усогласување како претходно, согласно растот на просечната плата и трошоците за живот, од Финансии велат, согласно одлуката донесена од Владата, тоа е предвидено со пензиите што ќе се исплатат за септември оваа и за март следната година. За понатаму од Министерството немаат одговор.

Враќање на старо или нов модел

Поконкретен во врска со ова прашање на 26 август беше премиерот Христијан Мицкоски, кој одговарајќи на новинарски прашања, рече оти се разгледува опцијата линеарното зголемување да остане и во септември следната година.

„Ќе видиме, во зависност од тоа во каква кондиција ќе ни биде буџетот, ќе видиме какви одлуки ќе носиме за следното усогласување во септември, дали ќе имаме повторно процентуално зголемување или ќе имаме повторно линеарно зголемување, она што го бараат практично пензионерите“,

изјави Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски / Фото: Сектор за односи со јавност на Владата на РСМ

За политичката определба на Владата линеарно да ги зголеми пензиите, се обративме со повеќе прашања до Сојузот на здруженија на пензионерите. Едно од клучните ни беше – дали е фер сите пензионери да добијат исто зголемување, од по 2 500 денари, ако се знае дека сите не давале ист придонес во Фондот додека биле работници? Прашањето е релевантно затоа што повисоки придонеси плаќаат работниците со повисоки плати, а до повисока плата често се доаѓа поради животни одлуки како инвестирање во своето образование или поради преземање ризици во приватниот сектор.

Од Сојузот не добивме одговор на ова прашање. Добивме само краток коментар дека за да се исплати линеарно зголемување на пензиите, ќе мора да има законски измени.

Повеќе за зголемувањето на пензиите по линеарниот модел кажа претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајкова, во гостување на ТВ Сител. Според неа, треба да се зголеми, пред сè, најнискиот износ на пензијата, бидејќи најголем број пензионери спаѓаат во оваа група.

„Сојузот даде неколку предлози за унапредување на формулата за усогласување на пензиите секогаш имајќи ги предвид ниските пензии, а тоа е да имаме дегресивно усогласување на пензиите, а тоа значи од тековното усогласување да се земе еден дел и да се даде на пониските пензии, а тоа да се прави само одреден временски период кога имате рапиден раст на трошоците за живот“,

кажа Трајкова во изјава за ТВ Сител.

Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајкова / Фото: Принтскрин од видео на ТВ Сител

Според податоците на Фондот за ПИОСМ од јуни годинава, вкупно 341 146 лица примиле пензија во државава. Од нив корисници на старосна пензија се 239 783 лица, на семејна пензија се 74 336 и на инвалидска 26 231 лице.

Просечната пензија, според статистиката на ФПИОСМ, во јуни изнесувала 21 241 денар, што е 51,5 отсто од просечната нето-плата која изнесува 41 252 денара.

Од вкупниот број пензионери, најголемиот дел месецот го туркаат со примања од 13 192 денари до 22 500 денари.

Инаку, просечниот износ на старосните пензии, според статистиката на Фондот, изнесува 22 884 денари, кај семејните пензии тој износ е 16 709 денари, а кај инвалидските 18 830 денари.

Извор: Фонд за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија

Со овој текст, 360 степени се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

- Реклама -