Американски воен брод и неколку комерцијални бродови се нападнати денеска во Црвеното Море, соопшти Пентагон.
– Запознаени сме со извештаите за напади врз американскиот воен брод УСС Керни и комерцијални бродови во Црвеното Море и ќе обезбедиме информации кога ќе станат достапни, се вели во соопштението од Пентагон, без да се наведе од каде дошле нападите.
Пентагон се огласи откако претходно денеска и британски товарен брод бил погоден од ракета во Црвеното Море во близина на брегот на Јемен.
Британската агенција за поморска безбедност (UKTMO), објави дека добила извештај за активност на беспилотни летала „во близина на Баб ел Мандеб, од правец на Јемен“. Активност на беспилотни летала е забележана во областа што ја дели Источна Африка од Арапскиот Полуостров.
Бунтовниците Хути во Јемен се заканија дека ќе ги напаѓаат бродовите на Израел и неговите сојузници во Црвеното Море, како одмазда за војната против палестинскиот Хамас во Газа.