„Пред скоро три децении, во 1991-та, на референдум, убедливо мнозинство наши граѓани гласаа да живеат во независна, слободна и демократска Република Македонија. Оттогаш имавме и напредок и падови во борбата за демократски вредности“, вели претседателот Стево Пендаровски во обраќањето по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија.
„Патот по кој тогаш тргнавме не е лесен. Тој бара политичари кои носат одлуки во интерес на граѓаните, транспарентни институции, постојан дијалог меѓу власта и опозицијата, граѓански сектор кој ја преиспитува работата на секоја власт и слободни медиуми кои работат за јавниот интерес, а не под диктат на политиката или бизнисот. Исто така, демократијата не препознава дискриминација врз основа на национална или етничка припадност, боја на кожа, пол, сексуална ориентација, социјално потекло, верско или политичко уверување, попреченост или која било друга основа“, истакнува Пендаровски.
Претседателот истакна дека и изминатата година била тешка за државата, впрочем како и за целиот свет:
„Оваа година беше тешка и за нас и за светот поради пандемијата на Ковид-19. Криза која ги зафати сите сфери на нашето живеење и остави трајни последици врз начинот на кој работиме, се дружиме, начинот на кој учат нашите деца. Пандемијата сигурно ќе биде со нас уште некое време и ќе донесе дополнителен притисок врз целото општество. Но, со заеднички сили и посветена, напорна работа можеме да ги надминеме тие проблеми“, порача Пендаровски.
Меѓутоа, тој истакна и дека изминатата година исто така била и година на успеси за државата, а очекува таква да биде и идната:
„Оваа година беше и година на наш, голем заеднички успех. По решавање на деценискиот спор за името со Грција и имплементирање на потребните реформи, станавме полноправна членка на НАТО и со тоа исполнивме една од двете главни стратешки цели на надворешен план. Оваа година очекуваме уште еден успех – формален почеток на преговорите за членство во ЕУ. Ако постои национален консензус за тоа на зборови, сега е нужен и реален, конкретен консенсус меѓу власта и опозицијата, невладиниот сектор и бизнис заедницата за брзо завршување на преговорите затоа што тие се исклучително значаен инструмент за подобрување на животот на сите наши граѓани.
Почнувајќи ја триесеттата година на нашата независност, очекувам, Вие граѓаните да останете гласни и постојано да барате од нас политичарите одговорност затоа што ние сме должни да работиме во ваш интерес. Заеднички императив е следните години да живееме многу подобро отколку до сега. Со многу работа и со меѓусебно почитување тоа сигурно ќе го постигнеме.
Нека ни е честит Денот на независноста!
Нека ни е вечна државата!“, порачува претседателот Пендаровски.