Доколку Армијата била повикана во спасувачката акција на завеаниот овчар во кратовско, барањето ќе било преку ноќ одобрено и Армијата ќе помогнела, како што и многупати досега го правела тоа, но такво барање до Армијата немало, истакна денеска претседателот на државата Стево Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање за голготата што синоќа ја раскажа Павле Зафиров, револтиран од незаинтересираноста и бездушноста на институциите.
За Пендаровски, овој настан претставува „поразителна и трагична приказна за сите нас како држава“.
„Јас се зачудив кога го видов целиот извештај. Тоа е една поразителна и трагична приказна за сите нас како држава. Не сакам да употребувам повторно квалификаци за државата, но, се обратиле до Центарот за управување со кризи до општинскиот штаб и општината“, изјави претседателот на државата.
Тој потенцираше дека Армијата располага не само со армиски хеликоптери, но и со стручни единици специјализирани токму за настап на планински терени и во тешки временски услови.
„Да не кажувам во какви сѐ не ситуациии и во некои кои сѐ помалку познати на јавноста има помагано“, додаде Пендаровски, повторувајќи дека доколку некој (контактираните институции) го проследел барањето, Армијата ќе излегла во пресрет.