Има два аспекти – политички и законски, во случајот со разрешувањето на директорот на Државниот пазарен инспекторат – Стојко Пауновски, посочи претседателот на државата Стево Пендаровски, во „Само интервју“ на ТВ „Канал 5“.
„Во политичка смисла, пркосот е добра работа“, оцени Пендаровски. „Ако смеам да се пофалам и изрекламирам, со години и години јас сум бил еден од тие кои иако сум бил близок со одредена политичка структура, сум знаел и на тој и на тие да им кажам ‘оваа не ја бива вака’.
Јас тоа го одобрувам и јас кај мене сите мои соработници кои се во кабинетот, ги имам на тој начин избрано. Значи, им велам дека мора во очи да ми ги кажуваат работите. Мене не ми треба да ми викаат ‘Браво, шефе’. И во политичка смисла, јас го поддржувам Стојко Пауновски. Во политичка смисла постапи правилно“, рече Пендаровски.
Сепак, шефот на државата потенцираше дека Пауновски погрешно постапил, од правен аспект.
„Во правна смисла, Стојко Пауновски е во криво, не е во право, затоа што за таа работа, за распоредување на таканаречените ‘рамковни’ има закон гласан во парламентот и ако не ги примиш – ти го кршиш законот. Заев и Владата се во право од тој аспект.
Прашан зошто морале овие рамковни да бидат примени во Пазарниот инспекторат, иако не се квалификувани, а притоа во ДПИ е исполнета и „правичната застапеност“ со 40% Албанци меѓу вработените, Пендаровски рече дека се согласува со забелешките на Пауновски, но не и начинот.
„Јас се согласувам. Значи, тој вели ‘ни требаат правници, економисти, ни требаат на истокот, не на западот’… Меѓутоа, тоа сѐ требаше да го решава не пред камери и не на прес. Не писма, тој требало да се види со Заев и да му рече ‘јас ќе примам не 35, туку 135 ако треба, ама дајте ми вакви и вакви профили, ми требаат работници за на терен, а не да седат во канцеларија“.
Пендаровски истакна и дека, за жал, случајот добил етничка димензија.
„За жал, во некоја смисла, а колку што видов и коментарите беа такви, тоа поприми и меѓуетничка димензија. Затоа што таканаречените ‘рамковни’ се етнички Албанци, овој што не сака да ги прима, нели, е етнички Македонец, итн. Тоа, за жал, доби меѓуетничка димензија иако не требаше да добие. Тие луѓе се на платен список, тие луѓе се корисници на буџетот. Требаше да се договорат меѓу себе; ако не бива во ДПИ, нека одат во не знам кој друг инспекторат или агенција. Тоа требаше да се реши во рамки на Владата, а не преку медиуми“, рече претседателот, посочувајќи дека не го зборува тоа заради рејтингот на Владата, туку затоа што така се решаваат проблемите – кога подредениот ќе му се обрати директно на својот надреден.
„Законски Владата е во право што го разреши, а политички Стојко имаше право да пркоси“, сумираше Пендаровски.