Пендаровски: Во овој момент нема потреба да прогласам нова вонредна состојба

„Имајќи ги во предвид причините поради кои ги прогласував сите претходни вонредни состојби, сметам дека во овој момент нема потреба да прогласам нова вонредна состојба“, соопшти претседателот Стево Пендаровски денеска на прес-конференција, додавајќи дека Уставот му дава право да прогласи вонредна состојба и без формално барање од Владата (какво што не му било доставено), но дека останува на ставот дека ниту една институција, во било кој политички контекст, не треба сама да одлучува и да ги изолира останатите институции при носењето на важни одлуки.

Како што соопшти Пендаровски, според информациите кои ги добил од Владата, во изминатиот период се обезбедени доволни количини медицинска и заштитна опрема и донесени се економски мерки за поддршка на економијата за кои постои покритие во буџетот.

Пендаровски истакна дека споредбите меѓу претходните вонредни состојби и тогашниот број на заразени и сегашниот период со сегашните бројки на заразени – се неосновани, бидејќи ниту една од вонредните состојби не била воведена од тие причини. Тој уште еднаш посочи дека за мерките како полициски час, карантин и кризна состојба (во делови или во цела држава) постои законска регулатива и воопшто не е потребна вонредна состојба за да можат тие да се применуваат.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Претседателот истакна и дека е заблуда дека датумот на изборите зависи од вонредната состојба, односно дека избори можат да се одржат и за време на вонредна состојба, ако Владата тоа го сака, и тоа со промена на уредбата за изборните рокови која би овозможила рокот да тече и за време на вонредна состојба.

Пендаровски  го адресираше и датумот за предвремените избори. Изрази разбирање дека избори не им се приоритет на граѓаните во вакво време на пандемија, но посочи дека коронавирусот нема да замине наскоро, а избори се неопходни за да добиеме функционален парламент и легална и легитимна наместо техничка влада.

- Реклама -