Пендаровски одби да го коментира говорот на Иванов: Да се фокусираме на пораката од Папата

„Не би сакал да овој значаен настан за Македонија да го користиме за влез во дневна политика. Мислам дека треба да останеме на она што беше главна порака од Папата, мислам дека во таа насока треба сите да се концентрираме“, изјави Пендаровски за „Телевизија 24“ откако Папата Франциск и делегациите ја завршија посетата во Вила Водно и тој се упати кон спомен-куќата на Мајка Тереза.

Посетата на Папата, Пендаровски ја оцени како убав повод да се сплотиме и да се остават на страна стандардните политички разлики, а наместо тоа де се заложиме за она најважното – нашата татковина.

„Резервна татковина немаме, тука ќе останеме да живееме. Наспроти сите разлики кои ги имаме на политички план, треба да се договориме околу неколку битни работи. Мислам дека на сите ни е најважно овде да живееме во мир, разбирање, со респект еден кон друг. Се надевам дека од денеска натаму и ова ќе биде повод плус да размислиме на таа тема повеќе“, рече Пендаровски.

И пораката на претседателот Иванов во говорот, впрочем, се движеше некаде на иста линија, но сепак, Иванов му порача на Папата Франциск дека доаѓа во време кога „македонското општество е длабоко поделено и македонската држава е тешко ранета“, а „крстот и полумесечината и црквата и џамијата се злоупотребуваат како граничници и тврдини за маркирање и бранење на некакви си замислени територии“. Низ целиот говор, исто така, претседателот кој за 5 дена ќе му ја предаде функцијата на Стево Пендаровски, го употребуваше името „Република Македонија“. Говорот можете да го прочитате ТУКА.

- Реклама -