Претседателот Стево Пендаровски во недела нема да оди во Благоевград на отвoрањето на клубот „Никола Вапцаров“ на ОМО Илинден Пирин, бидејќи не бил поканет.
„Ако го знаете соопштението на оние кои го организираат тоа, тие мене не ме поканија, иако тоа ме чуди, затоа што дел од тие луѓе кои ја отвораат таа спомен куќа или дом, затоа што тоа не е регистрирано според бугарските прописи и е приватна иницијатива, беа кај мене со ОМО Илинден заедно со други организации на Македонци од Бугарија“, изјави Пендаровски во „Тема на Денот“ на ТВ „Сител“, додавајќи дека тоа бил прв официјален прием на Македонци од Бугарија од осамостојувањето од Бугарија.
За 31 година независност, потенцираше шефот на државата, никој не ги примил како група Македонци од Бугарија. Тоа, додаде, е грижата на нашата држава за дијаспорите околу.
Во врска со бугарските здруженија во земјава, Пендаровски смета дека не треба да се дозволи да носат имиња на, како што нагласи, докажани фашистички соработници. Според него, доколку по најавите од Министерството за правда дека и ако биде донесен нов закон за здруженија, тој не може да важи ретроактивно, тогаш може да се преиспита работата на постоечките здруженија.
„Има државни институции, како на пример Јавното обвинителство, кои можат да ја преиспитаат работата на постојните клубови, бидејќи е неспорна една од основите да ја преиспиташ работата е дали тие со својата активност разгоруваат национална или верска омраза и нетрпеливост. По мене, да“, рече претседателот Пендаровски.
Извор: МИА