Најавената оставка на Заев била големо изненадување за претставници на меѓународната заедница, бидејќи тој изминативе неколку години бил прилично позитивен пример, изјави претседателот на државата – Стево Пендаровски, во интервју за ТВ21.
„Сега ќе си дозволам мала дискреција; Имав една мала… тоа се куси средби од нога, не можам да кажам дека тоа се разговори… но германската канцеларка неколку пати ме праша за мотивите на оставката, ‘дали вие мислите дека тоа беше вистински потег’. Мојот одговор, тоа му го пренесов и на Заев по враќањето, реков ‘се разбира дека не’. Се разбира дека не. Заради губење на една, две, три пет или десет општини, заради губење на локални избори, независно што сте ветувале претходно ова е едно друго ниво во политиката. Вие водите држава. Имате мандат од четири години сосема легитимно добиен и не можете ни на половина од тој мандат да кажете, заради Скопје, заради Прилеп, Куманово итн. јас си заминувам“, рече Пендаровски.
Ова прашање, според шефот на државата, му го поставиле и многу други, како генералниот секретар на НАТО.
„Генералниот секретар на НАТО, надвор од неговиот карактер – да го наречам скандинавски, два пати ми го постави истото прашање за саат, саат и половина, бидејќи бевме во една од тие пред-простории во кои се подготвувавме за сесиите… и постојано ме прашуваше ‘Зошто?’. Му реков, ‘не е лошо да се слушнеш со Заев директно да ти објасни’. Така што, изненадувањето беше големо од страна на меѓународната заедница, бидејќи знаете дека изминативе неколку години Заев беше прилично позитивно примен од целокупната меѓународна заедница“, додаде Пендаровски.
Извор: МИА