Пендаровски му предложил на Макрон „лoшитe“ членки на ЕУ да бидат иcклучувaни од Унијата

Претседателот Стево Пендаровски, надоврзувајќи се на ставот дека Македонија нема проблем со нова (француска) методологија на преговори за пристап во ЕУ која ќе вклучува реверзибилност на процесот и со која земјата која назадува ќе биде враќана можеби и на самиот почеток на пристапните преговори, е на ставот дека истата логика треба да важи и за земјите кои во иднина ќе станат членки на ЕУ.

Во интервју за германскиот весник „Зидојче цајтунг“, Пендаровски открива дека не само што смета дека треба да постои можност новите членки во иднина да се исклучуваат од клубот доколку се оддалечат од демократските стандарди на ЕУ, туку на средбата во Париз таквиот став му го соопштил и на францускиот претседател Емануел Макрон, пренесува „Дојче веле“.

Прочитајте и:  Макрон го повика Путин да се вразуми, а Кина да го притисне за деескалација... потегот на Бајден го смета за „добра одлука“

„Помалку или повеќе сите во ЕУ се согласни дека е потребна подобра методологија, подобри кандидати и подоцна подобри членки… Тогаш зошто да не се исклучуваат новите членки доколку повторно се оддалечуваат од демократијата?“, вели Пендаровски во интервјуто, додавајќи дека има разбирање за критиката на Макрон и дека растот на авторитарноста во Европа е резултат и на тоа што некои процеси биле повеќе бирократски отколку објективни.

Во интервјуто Пендаровски додава и дека не е толку спорна самата блокада од Макрон/Франција за Македонија, туку тајмингот, бидејќи се случи по долги години убедување од Европа дека земјава ги исполнила сите критериуми и единствено што уште треба да го направи е да го реши спорот со Грција.

 

- Реклама -