Пендаровски: Јас прв ќе признаам, можев повеќе да направам

Ја разбира потребата од користење во политички цели на неговата изјава дека и тој би се иселил од државава ако не беше претседател, што го изјави на регионалниот младински форум во Нови Сад, но категоричен е дека истата била извадена од контекст и дека поентата е друга, објасни денеска претседателот Стево Пендаровски по посетата на Сојузот на синдикати на Македонија.

Пендаровски признава дека можеби требало да користи поблаг избор на зборови, но категоричен е дека изјавата била дел од подолго обраќање и се однесувала на сето кажано во контекст на европската бесперспектива и безидејност. Односно, објасни Пендаровски, и тој би ја напуштил Македонија доколку сега би бил млад човек и земјата остане во ситуација кога не знае што ќе се случува што понатаму на патот кон Европа:

„Јас зборувам за изгубените европски перспективи, според она што го имаме од 18 октомври наваму. Значи јас зборувам, прецизно, ако не ви даваат со години и години да отворите поглавје и ако тие преговори понатаму траат со години и години, а допрва чекаме методологија, која не знаеме каква ќе биде и дали ќе го пролонгира и компликува процесот… Кога би бил млад човек, и кога би му рекле дајте уште 20-30 години почекајте, а во меѓувреме ќе биде стандардот 400 евра или 500 евра, кој млад човек би рекол ‘да, ја би го потрошил единствениот живот што го имам, ќе почекам, нема проблем’ “, прашува реторски Пендаровски.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Претседателот истакна дека е невозможно комплетно да се спречи иселувањето и дека проблемот ќе продолжи. Тој потсети дека и во 2011-та со политичка одлука пописот бил прекинат кога политичарите виделе колку многу се иселени.

Според него, младите не се иселуваат само поради економијата, туку и поради партизираноста, затоа смета дека македонските политичари можеле и можат повеќе да направат за да го намалат проблемот. Со натпартиски консензус, вели тој, можни се неопходните сериозни реформи во повеќе области, како владеење на правото и правна држава – задача која, потенцираше Пендаровски, „ние политичарите, да бидеме искрени, не сме ја завршиле, ниту половично успешно“.

„Овде мора да имаш некого од ‘нашите’, не од ‘вашите’ или од другите, ако сакаш најчесто да завршиш не знам банална комунална услуга, да платиш на шалтер, да добиеш здравствена услуга, да го запишеш детето во училиште… Повеќе или помалку, не велам сега во времето негово или мое или нечие. Иако сум само 6-7 месеци претседател, јас прв, пред сите други, кои биле и години и години на власт, и по неколку пати, јас прв ќе преземам одговорност. И во овие шест месеци можев повеќе да направам. Јас“, рече Пендаровски, притоа порачувајќи дека сите досегашни власти, заедно со актуелната, треба да им се извинат на граѓаните што не направиле повеќе за проблемот со иселувањето.

 

- Реклама -