Пендаровски: Голема заблуда е дека американскиот тим за санкции ќе ни ги среди состојбите, сами мораме да ја завршиме работата во правосудството

Посетата на американскиот тим за санкции е во функција на скенирање на состојбите во судството, но политичката порака од тоа е дека треба сами да ги завршиме работите дома во таа сфера, изјави и предупреди вчера претседателот Стево Пендаровски.

Тој оцени дека постои голема забуна околу овој експертски тим од САД, потенцирајќи дека тие не се истражители или правници и тие немаат контакт ниту со обвинители, ниту со политичари.

„Тоа се дипломати од Стејт департмент. Доаѓале и порано, ќе доаѓаат и во иднина. Тие собираат информации за тоа што се случува во сферата на судството и понатаму, сосоема автономно и независно од нас, ја формираат таа таканаречена црна листа или листа на ентитети под санкции“, објасни Пендаровски.

Ќе бидеме во голема заблуда, а особено во заблуда ќе бидат политичарите на одговорни позиции, ако мислиме и мислат дека некој друг ќе ни ја заврши работата, рече тој.

„Тие колку пати и да доаѓаат, не доаѓаат да ја завршат мојата, вашата или работата на судовите и обвинителствата. Тоа е сосема независна работа, исто како што е Извештајот за човековите права кој Стејт департментот секоја година го објавува“, појасни шефот на државата.

Прочитајте и:  Агелер: Црната листа е многу динамична - постојано се разгледуваат имиња и едвај чекаме да додадеме нови

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, вчера повтори дека Владата не ги повикала „истражителите“ на САД, туку дека се работи за активности на Американската амбасада во земјава како дел од напорите на САД во земјите за кои ги сметаат за стратешки партнери.

Заземање цврст став за корупцијата и состојбата во регионот била и една од темите на телефонските разговори што вчера ги имал советникот на државниот секретар на САД, Дерек Шоле, со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски, откако неговата посета на регионот беше одложена за по Нова Година поради позитивен ковид-тест.

Шоле во земјава требаше да разговара со владини претставници за низа прашања, вклучително и за енергетиката, економијата и борбата против корупцијата, соопшти Стејт департментот.

Извор: МИА

- Реклама -