Пендаровски: Автокефалноста на МПЦ-ОА ќе придонесе за исправање на историските неправди

Претседателот Стево Пендаровски упати честитики по повод донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

„Упатувам честитки до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан и до сите граѓани од православна вероисповед по повод едногласно донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА. Ова е радосна вест за сите граѓани на земјава од православна вероисповед, која следи по одлуката на Вселенската Патријаршија за прием на нашата Црква во канонско единство и во евхаристиско општење“, се наведува во пораката на претседателот Пендаровски.

Одлуката на Српската православна црква, наведува натаму Пендаровски, ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

„Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архепископија, ќе заврши со скоро потпишување на Томосот од Вселенскиот Патријарх г.г.Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество“, наведува во пораката претседателот Пендаровски.

Патријархот Порфириј по денешното сослужување на заедничка литургија со арихиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан во Соборниот храм во Скопје, рече дека Соборот на Српската православна црква ја благословува и одобрува афтокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Тој додаде дека Светиот собор на СПЦ му дал должност на Синодот, во соработка со архиепископот Стефан и неговиот Синод, да разработат техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјален акт.

- Реклама -