Беше пенал или не? Еден спорен момент го одлучи дербито на 14.коло во Серија А. Во 30.минута, Исла играше со рака во сопствениот шеснаесетник, барем така оцени судијата Рицоли и досуди пенал, а Робињо го реализира за триумф на Милан од 1:0 во дербито против Јувентус.
„Росонерите“ со многу мотиви го одиграа овој натпревар и не беа во подредена улога, но се чини дека решавачка беше одлуката на судијата Рицоли. Потоа „Старата дама“ не успеа да се врати резултатски во игра, иако во второто полувреме Јувентус беше подобар противник на „Сан сиро“.
Мирко Вучиниќ двапати сериозно се закани кон голот на Амелиа, но, голманот на Милан беше на висина на задачата.
По овој пораз на Јувентус во Милано, Интер добива шанса да се приближи на само еден бод до лидерот, доколку утревечер оствари победа на гостувањето против Парма.