Раководните луѓе на Пелистер, нервозни поради поразот во последните моменти, но пред сѐ поради лошата организација на дербито во Скопје од страна на домаќинот Вардар, најавија дека ќе бараат суспензија на теренот за „Црвено-црните“ од органите на ФФМ.
На полувремето од дербито се случи голем организациски пропуст, по кој навивачи на двата клуба, „Комити“ и Чкембари“ влетаа во теренот, обидувајќи се меѓусебно да се пресметаат. Имаа жестока пресметка и со полицијата, која интервенираше многу доцна, откако претходно дозволи навивачите да се најдат на самиот терен.
Среќа во несреќа е тоа што овој инцидент се случи на полувремето, кога фудбалерите на двете екипи беа во соблекувалните, но на теренот беа резервните играчи, а еден од фудбалерите на Пелистер имаше физичка пресметка со навивачот на Вардар, кој се обиде да украде знаме од трибината каде беа „Чкембарите“.
Останува да се види како овие настани се забележани од делегатот на натпреварот, а потоа како ќе се произнесат и комесарот за натпревари при ФФМ, Васко Дојчиновски, и „дисциплинецот“, Владимир Гашевски.
„Пелистерци“ исто така имаа големи реакции и на судењето на овој натпревар, сметајќи дека се оштетени од главниот судија Јосип Бартон.