Завршницата на Мото ГП шампионатот ќе биде суперинтересна откако Дани Педроса успеа да слави на денешната трка за Големата Награда на Малезија, уште повеќе намалувајќи ја негативата во однос на водечкиот во генералниот пласман, Хорхе Лоренцо.
Двајцата шпански мотоциклисти беа во главна улога и на оваа трка, која што Лоренцо ја почна на пол-позицијата, но беше минат од страна на Педроса веќе во деветтиот круг. Обилниот дожд што паѓаше за време на трката беше причина за излетување на дел од во возачите да излетаат од патеката, а тоа влијаеше и врз настапот на Лоренцо, кој што за кратко време направи две грешки и сериозно му беше загрозено и второто место од страна на Кејси Стонер.
Австралиецот опасно му се приближи на водечкиот во генералниот пласман, но тогаш организаторите на трката во 14 круг решија да го прекинат натпреварувањето. Триесетина минути се чекаше временските услови да се стабилизираат, но откако тоа не се случи, беше донесена одлука трката да биде прогласена за завршена со пласманот кој што беше важечки во моментот на нејзиниот прекин.
Со најновата победа, Педроса ја намали негативата во однос на Лоренцо на 23 поени, па мотоциклистот на Хонда сè уште има реални шанси во обидот да се закити со титулата во пресрет на последните две трки од шампионатот, во Австралија и во Валенсија.