Психотерапијата претставува суштински дел од животот во Аргентина. Земјата има најголем број психолози по глава на жител од било кое друго место во светот – околу 198 на секои 100.000 Аргентинци. Дури 46% од нив живеат во Буенос Аирес.
Откако аргентинската култура ја прегрна идејата за психотерапијата како важен дел за развојот на личноста, за самоусовршувањето и за здравјето, психолозите почнуваат да одговараат на побарувачката – и се јавуваат сé повеќе ординации.
Но најинтересно е дека во Аргентина повеќето од луѓето бараат специфична психолошка помош, имено психоанализа.
Школата за психоанализа, основана од Зигмунд Фројд кон крајот на 19 век, ги користи фантазијата, соништата и слободните асоцијации за да открие потиснатите пораки на потсвеста и да им отворина пациентите нова перспектива кон своите емоции и искуства.
Мариано Плоткин, професор по историја од Националниот универзитет „Трети февруари“ (Universidad Nacional de Tres de Febrero) и водечки познавач на историјата на психоанализата во Аргентина, објаснува дека иако психоанализата е позната во Буенос Аирес уште од почетокот на 20 век, таа доживува културна ренесанса по владеењето на претседателот Хуан Перон, кој се симнува од власт во 1955 година.
„Тоа беше времето на брза културна модернизација на Аргентина“, вели Плоткин. „Тогаш се забележува силен интерес кон сето она што доаѓа од Европа. Психоанализата беше гледана од многу луѓе како ослободувачка доктрина“.
„Многу познати психолози како Енрике Пичон-Ривиера емигрираа во Аргентина, па земјата има стабилна историја на психијатриско знаење“, додава Андреј Лаков – професор по социологија на универзитетот во Јужна Карлифорнија, кој пишува научен труд за психоланализата во Аргентина.
Идејата за самоусовршување е многу престижна и е широко распространета меѓу добро образованата средна класа на Буенос Аирес
Во 60-тите и 70-тите години, според Лаков, психоанализата не само што се претвора во „престижен начин на себеформирање и себеразбирање“, туку исто така се поврзува и со левичарската политичка идеологија.
За време на диктатурата во 70-тите години, психоанализата е прогласена за „инструмент за преврат“.
Во тоа време, Федерацијата на аргентинските психијатри ја поврзува психоанализата со марксизмот. Како последица на тоа, федерацијата ќе претрпи многу удари, и според зборовите на Лаков, психоаналитичарите веќе нема да можат да најдат работа и да објавуваат трудови.
„Со враќањето на демократијата во 1983-та, повторно стана престижно да се занимаваш со психоанализа, бидејќи тоа се поврзуваше со противењето на тоталитаризмот“, додава тој.
Друг клучен момент за развојот на психоаланизата во Аргентина, според Плоткин, е кога интелектуалецот Оскар Масота ќе одржи серија од предавања и ќе издаде неколку книги во 1970-тите, со што ја запознава јавноста со работата на францускиот психоаналитичар Жак Лакан.
„Ако зборувате за психоанализа во Буенос Аирес денес, тогаш вие всушност зборувате за Лакан – за француската психоанализа. Аргентинските интелектуални елити секогаш биле многу отворени за сите кои доаѓаат од Франција“, објаснува тој. „Занесот по француската култура отсекогаш бил силно распространет во Латинска Америка, а разликата е само во тоа што Буенос Аирес има поголема средна класа, која има пристап до таа култура“.
Повеќето аргентински универзитети денес имаат големи оддели по психологија и речиси сите се посветени на изучување на различни аспекти од психоанализата на Лакан.
Академскиот фокус на ова поле на психологијата помага во формирањето на голем број професионалци во областа.
Лаков објаснува дека тие што се занимаваат со психоанализа не е задолжително да имаат медицинска диплома. Олеснување за нив е и фактот што откако ќе добијат диплома по психологија, тие можат веднаш да започнат работа како психоаналитичари.
Иако некои психоаналитичари се скапи, има и голем број на достапни специјалисти, чии сесии чинат само по 150 аргентински пезоси (10 долари).
„Психоанализата не е поврзана со болеста, туку со доброто здравје. Таа се смета за нешто што скоро секој треба да го прави“, вели Лаков. „За многу луѓе, тоа е процес на себеанализа и начин да станеш позрел во своите постапки”.
Меки има 29 години и е од Буенос Аирес. Редовно оди на психоанализа и вели дека терапијата за неа претставува време за себезапознавање. „Тоа е момент во неделата кој е посветен на тебе. Можеш да зборуваш за ‘јас, јас, јас’. Претпочитам да се на терапија, отколку на дрога“.
Големиот број на психоаналитичари значи дека човек лесно може да огранизира термин за терапија пред или по работното време и деловните средби, додава Даниела Франкенберг, психоаналитичар, практикант во Буенос Аирес.
Вели дека нејзините пациенти сакаат да зборуваат за „обични, секојдневни проблеми, какви што многу луѓе имаат“, како расправии, грижи, родители, деца и работа. Постојат многу предности, вели таа, во тоа човек да одвои време за да поразговара за личните грижи.
„Во нашата култура се консумираат помалку алкохол и дроги. Имаме и многу помалку деца и возрасни кои се на лекови, што сметам дека е нешто што во САД, на пример, е многу поголем проблем“, вели Франкенберг.
Нејзиното мислење е дека во Буенос Аирес психоанализата е начин да се помине низ тешкотиите, „исто како што е одењето во паб за луѓето од Англија“.