Пареидолија – гледање на лица (и газови) каде што ги нема

8TNnFHC[1]

Ако се загледаш во облаците и некој ти заличи на пенис, не значи дека си перверзник. Ниту пак ако се загледаш во некое дрво и ти заличи на лице – не, не си луд. Тоа што го доживуваш во тие моменти е пареидолија – многу нормална појава што им се случува на сите.

Првично именувана според рускиот психијатар Виктор Кандински, пареидолија е феномен на „пополнување на информација“. Бидејќи мозокот е предиктивен орган (предвидува врз основа на тоа што го знае), тој константно работи на тоа да му даде смисла на светот, т.е. да го разбере тоа што го собира како информација. Тоа пак, значи дека мозокот е исклучително склон и хиперсензитивен на шеми и шаблони. Понекогаш, тоа се манифестира со тоа што во некој поголем камен со рез на средината, мозокот може да препознае газ.

Луѓето ги процесираат нејасните стимули користејќи ментални процеси познати како концептуална евалуација и кортикално процесирање. Ние сме така создадени, т.е. така ни е поврзан мозокот, бидејќи тоа е корисно од еволутивен аспект: сакаш да ги најдеш блиските во толпата, или да забележиш пар очи спремни да те нападнат во ноќта. Луѓето се општествени животни, но кога се сами, тие се лесна мета за тигрите, на пример. Од тие причини, дрвово изгледа како што изгледа – како смешна фацка.

tree-face[1]„За мозокот“, пишуваат авторите на препознатливата студија од 2012 на тема пареидолија, спроведена од Бекам институтот за напредна наука и технологија, „компирот што одвај личи на Елвис, може да се покаже како замена за Кралот лично“.

Во студија од 2014-та, објавена во журналот за невронаука Cortex, тим од истражувачи детално го проучувале делот од пареидолијата што вклучува лица, т.е. илузорната перцепција на непостоечки лица. Во студијата, на 20 кинески волонтери им дале слики со црно-бели нијанси и заматени топчести форми, и им кажале дека на половина од сликите има лица или букви. Ова било лага, на сликите немало лица или букви, но сеедно, субјектите пријавиле дека виделе лице кај 34% од сликите, а дека виделе буква – кај 38%.

Истражувачите откриле дека вретеновидната фацијална област – делот од човековиот визуелен систем кој е специјализиран за препознавање на лица, демонстрирала специфична реакција кога партиципантите верувале дека „гледале“ лица наместо букви или само обични слики со пиксели. Притоа, научниците заклучиле дека и кога мозокот креира погрешно совпаѓање помеѓу тоа што го гледа и тоа што всушност е на сликата, постои физички удел во тоа како мозокот ги процесира сликите. Затоа и при најмала сугестија на лице, мозокот смета дека гледа лице. Со други зборови, не сме параноични; пареидолијата има физичка основа.

Газ
Газ?

Макар што пареидолијата е многу нормална, во други истражувања е покажано дека менталната состојба навистина влијае врз нашата тенденција да гледаме некој што не е всушност таму. Во еден труд на истражувачите од NNT Communication Science Laboratory во Токио, од 2015-та, тие откриваат дека луѓето што повеќе се чувствуваат како да немаат контрола врз нештата – се посклони да перцепираат илузорни шаблони во сликите со безначајна „врева“ („снег“, пиксели). На 166 партиципанти им дале лист со точки (без бројчиња), наведувајќи им да ги поврзат точките ако сметаат дека има некаква слика. Скоро 77% од испитаниците виделе некаква слика. Кога истражувачите го процениле степенот на невротичност кај овие субјекти, сфатиле дека тие со повисока невротичност имаат поголема тенденција да гледаат пареидолија. Ова исто така може да објасни и зошто некои луѓе имаат поголема тенденција да наоѓаат теории на заговор во нештата – колку си поневротичен, толку повеќе мозокот скенира во потрага по шеми и шаблони.

Не се само луѓето тие што гледаат лица каде што ги нема во природата – истото го прават и роботите. Во 2013, едно германско дизајн студио создаде софтвер наречен Google Faces, создаден со цел систематско проучување на пареидолијата. Софтверот скенира стотици и стотици сателитски снимки со алгоритам за детекција на лица, и често наоѓа насмеани лица кога всушност се работи за низа планини.

- Реклама -