Пар финти и статистики за полесно положување на тестови/испити

Кога наставниците составуваат прашања со неколку понудени одговори, од нив се бара да бидат што повеќе непредвидливи. Но сепак, човечкиот мозок мисли шематски, па тоа и не е така лесно остварливо. На кратко, и во таа непредвидливост постои одредена шема, чие насетување може да ви помогне кога се двоумите.

Писателот Вилијам Паундстон ги анализирал статистиките од неколку различни тестови и испити и дошол до неколку клучни показатели што ќе ги зголемат шансите да го одберете вистинскиот одговор.

130507_SCI_StandardizedTest.jpg.CROP_.rectangle3-large1[1]

На пример, кај прашањата со ТОЧНО/НЕТОЧНО доволно е да знаете неколку одговори кои ќе ви послужат за статистички аргументиран погодок:

  • Најпрво означете ги сите одговори што ги знаете, од целиот тест. Дури потоа погодувајте ги оние кај кои се двоумите.
  • Погледнете ги познатите и точни одговори на прашањата пред и по она за кое се двоумите. Ако одговорите на соседните прашања се исти по точност (двата точни, на пример), оној што ве буни е веројатно спротивен од нив (неточен, во случајов).

Кај прашањата со повеќе понудени одговори, потешко е да се извлече статистиката, но Паундстон сепак успеал да фати дел од неа:

  • Изберете го вториот одговор (под Б) на прашањата со 4 понудени одговори.
  • Изберете го петиот (под Д) на прашањата со 5 понудени одговори.

Но, има нешто и надвор од статистиката.

  • Паундстон заклучува дека ако „ниеден од наведените“ или „секој од наведените“ се понудени во листата на одговори, шансите се поголеми токму таа опција да е точниот одговор.
  • Исто така, најдолгиот понуден одговор има тенденција да биде точниот одговор.

Ако внимателно читавте, веќе сфативте дека овие „финти“ никако не можат да ве спасат од учење, но можат да ви помогнат да ги пополните дупките во знаењето. Со среќа!

- Реклама -