Папата Франциск за впечатоците од Македонија и Бугарија: Тоа се две сосема различни нации, низ Македонија влезе христијанството во Европа

Прашан од новинарка на МРТ околу тоа какви се неговите впечатоци од посетата на Бугарија и Северна Македонија, на пресот во папскиот авион на враќање кон Рим, Папата Франциск порача дека тоа се две тотално различни нации.

„Бугарија е нација со традиција стара со векови. Македонија, од друга страна, има традиција со векови, но не како држава: како народ, кој на крајот се изборил да формира нација… Се работи за прекрасна борба! За нас христијаните, Македонија е симбол на влезот на христијанството на Истокот. Христијанството влезе на Истокот низ вас сите… тие Македонци кои му се појавиле на Павле во сон: ‘Дојди кај нас, дојди кај нас.’ Тој заминуваше за Азија, мистерија е тој повик… А македонскиот народ е горд на ова, тие не пропуштаат прилика да спомнат дека христијанството влезе во Европа преку нив, преку нивната врата, бидејќи Павле беше повикан од Македонец“, рече Папата.

Тој потсети дека и Бугарија морала многу да се бори за својот идентитет како нација:

„Самиот факт што во 1800-тите, верувам некаде околу 1823 година, 200.000 руски војници зaгинaa за да ја повратат независноста од рацете на Турците… Помислете што значи 200.000. Толку многу борба за независност, толку многу кpв, толку многу мистика за да се најде консолидација на идентитетот“.

„Македонија го имаше идентитетот и сега успеа да го консолидира како народ, со мали и големи проблеми, како нејзиното име, и ние сите ова го знаеме. Двете (Бугарија и Македонија) имаат христијанска, православна, католичка и муслиманска заедница. Процентот на православни е голем и во двете земји, со мал процент на муслимани и уште помалку католици, во Македонија повеќе отколку во Бугарија. Нешто што го видов во двете нации е добриот однос меѓу различните вери. Во Бугарија го видовме тоа во молитвата за мир. Тоа е нормално и прекрасно нешто за Бугарите, бидејќи тие имаат добри односи, секој еден го има правото на изразување на својата религија и го има правото да биде почитуван. Ова ме трогна. Потоа, дијалогот со Патријархот Неофит беше убавина… Тој е човек на Бога, голем човек на Бога. Во Македонија ме погоди фразата што ми ја кажа претседателот: ‘Овде нема религиска толеранција, овде има почит’. Тие имаат почит. Во свет како овој, почитта многу недостасува. Почитта за човековите права, ни недостасува почит за многу нешта, почит за децата, за постарите… Тоа што мистиката на една земја е почитта не може да не ве погоди“, констатира Папата Франциск.

ФОТО/Текст: Catholic News Agency (CNA)

- Реклама -