И папата Франциск со реакција за датумот? „Христијанството дојде преку Македонија“

Во вчерашната ауденцијата во Ватикан, папата Франциск посвети цело поглавје во проповедта на Македонија, како врата низ која христијанството дошло во Европа и во контекст на моќта на евангелизацијата, преку примерот со покрстувањето на Лидија од Македонија и мисијата на Апостол Павле.

„Тоа јасно го гледаме кога Апостол Павле, доаѓајќи од Троја имал едно видение. Некој Македонец го моли: ‘Прејди во Македонија и помогни ни’… Апостолот без никакво колебање заминува во Македонија, уверен дека го испраќа самиот Бог и доаѓа во Филипи ‘римска колонија’, на Виа Игнација да го проповеда Евангелието. Павле овде се задржува неколку дена. Три настани кои ја карактеризираат неговата посета: 1. евангелизацијата и крштевањето на Лидија и нејзиното семејство.(…) Тука го имаме сведочењето за доаѓањето на Христијанството во Европа, тоа е почеток на процесот на инкултурација која трае и до денес. Тоа дојде од Македонија“, рекол папата Франциск во обраќањето.

Во тој контекст, Папата се присетил и на топлиот пречек при посетата на земјава и порачал Македонците да ја чуваат верата што Павле им ја проповедал:

„Народот на Северна Македонија се гордее со тоа, многу се гордее со тоа дека го повикале Павле да токму тој им го навести Исус Христос. Ми остана убаво сеќавање од тој добар народ кој многу добро ме прими: Нека ја чуваат оваа вера, која Павле им ја проповедаше“, порачал Франциск.

Како што пренесува порталот „Религија.мк“, повикувајќи се на познавачи на верските прилики, ова обраќање на Папата не е случајно, впрочем како и сите други негови обраќања и проповеди, кои имаат своја порака и цел. Според познавачите, ова спомнување на Македонија во ауденцијата, токму во овој период, треба да се гледа низ призмата на последните случувања на политички план, поконкретно – недобивањето датум за почеток на преговори со Европската унија. Според нив, со ова Папата ги потсетил европските политички лидери дека Македонија е дел од Европа и нејзиното место е во европското семејство.

(Преводот на англиски е на 23:50 во видеото)

- Реклама -