Пановски за полицискиот час: Да се мотивираат граѓаните да се надвор, а не да им се ограничува движењето

Наместо да се ограничува слободата на движење, мерките треба да се однесуваат на тоа каде населението го поминува времето, односно граѓаните треба да се мотивираат да излегуваат и шетаат надвор, смета микробиологот д-р Никола Пановски.

Според него, тоа што граѓаните се мешаат и престојуваат во молови и кафулиња, е катастрофално. Оттаму, во разговор со „Слободен печат“, тој инсистира дека сите овие објекти треба да бидат затворени преку викенд, а граѓаните да престојуваат надвор.

Како што вели Пановски, најдобра варијанта би била да се затворат сите несуштествени дејности, но и самиот признава дека тоа е економски невозможно.

Во однос на бројките, микробиологот смета дека бројот на новозаразени ќе се намали кога кај граѓаните ќе се јави страв поради високите дневни биланси на починати, од 25 до 30 лица на ден. За потсетување, во последните 24 часа се регистрирани токму 30 починати.

Според Пановски, кај населението постепено се создава колективен имунитет, со оглед дека дневно има по 1.000 новозаразени, што е 30 илјади месечно, но реалните бројки се трипати поголеми. Сепак, истакнува микробиологот, ова го плаќаме со голем број жртви.

 

- Реклама -