Панки од „Куку Леле“ уапсен на грчката граница, бил баран со потерница

Сашо Кимовски, познат како Панки од групата „Куку Леле“, бил уапсен на грчката граница при влез во Грција, дознаваат македонските медиуми откако Грција објави дека на грчката граница бил уапсен 52-годишен македонски државјанин. Панки бил баран со европска потерница распишана од Германија, поради учество во криминална мрежа што пред 13 години крадела податоци од кредитни и дебитни картички. Се проценува дека криминалната група украла вкупно над 1.3 милион евра, од кои над 200.000 евра само во Германија. Мрежата оперирала и во Македонија, Грција, Италија, Франција и Бугарија.

52-годишниот Панки е осомничен дека во 2006 година на два банкомати во Минхен поставувал микрочипови и лажна тастатура со чија помош украл податоци и лозинки од кредитни и дебитни картички. Со украдените податоци, заедно со уште две лица, потоа изработувале картички клонови и подигнувале пари во повеќе земји. Како што пренесува грчката АНА-МПА, македонскиот државјанин бил изведен пред јавен обвинител во Солун, а надлежниот суд наскоро ќе одлучува дали ќе биде екстрадиран во Германија.

- Реклама -