Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев заработи дисторзија на левиот скочен зглоб на дуелот со Џенова, што ќе го оддалечи од терените во наредните петнаесетина денови.
Првичните лекарски прегледи утврдија дека не се работи за некоја сериозна повреда, но Пандев има истегнување на лигаментите на глуждот, повреда поради која ќе мора да паузира околу две недели.
Тоа значи дека Горан Пандев сигурно ќе го пропушти дуелот на Наполи со Милан во следното коло, а неизвесен ќе биде неговиот настап и на мечот против Каљари. Капитенот на македонскиот национален тим во договор со Наполи беше ослободен од настап и во репрезентацијата за пријателскиот меч со Словенија в среда, а потоа дојде и повредата поради која ќе паузира во наредниот период.
Наполи со триумфот во Џенова (2:4) се наоѓа на третото место на табелата во Серија А, со пет бода заостанување зад лидерот Јувентус и еден бод негатива во однос на второпласираниот Интер.