Паметен двоглед кој препознава вселенски тела и знаменитости

Envision двогледот на компанијата Unistellar носи паметни функции на технологија која се користи со векови. Овој двоглед, користејќи проширена реалност (augmented reality) ќе ви помогне да идентификувате преку милион уникатни знаменитоси, вклучувајќи планини, шумски патеки, но и над 200 илјади точки на ноќното небо.

Unistellar е француска компанија која започна со работа пред околу десет години, произведувајќи паметни телескопи кои го автоматизираат процесот на пронаоѓање и фотографирање ѕвезди и планета, а сега таа технологија ја пренесува во двоглед кој ќе има 50 милиметарски леќи од Никон, надградени со систем за проекција на проширена реалност, преку кој ќе добивате информации за тоа што го гледате во моментот.

За да ги направи првите прототипи, компанијата собира средства, а првите готови производи се очекува да стигнат до поддржувачите на проектот на крајот на 2025 година.

Паметниот двоглед ќе се поврзува со смартфон преку Блутут и ќе го користи ГПС сигналот и останатите сензори од телефонот за да открие каде се наоѓа користникот. Со помош на апликацијата, паметниот телефон исто така ќе му дава пристап на двогледот до онлајн базите кои содржат милиони картографски податоци за планини, ридови, патеки, знаменитости, извори, ѕвезди, галаксии и други вселенски објекти. За тие кои ќе се движат во места каде што нема покриеност со интернет, ќе постои можност да симнат офлајн мапи и податоци пред да заминат на патувањето.

Батеријата на паметниот двоглед се очекува да трае околу 5 часа или околу 1000 користења со едно полнење. Откако ќе се потроши батеријата двогледот се уште ќе може да се користи, но без паметните функции.

Фото: Unistellar

Освен што ќе служи како туристички водич, паметниот двоглед ќе има и друга функција – корисникот ќе може да се фокусира на нешто што го гледаат, а потоа доколку го дадат на некој друг, тој ќе добива насоки на каде да го сврти погледот, за да го види истото.

Поддржувачите на прототипот сега може да направат преднарачка на овој паметен двоглед за 699 долари, што е значителен попуст од планираната цена од 1199 долари за производот кога ќе оди на продажба.

- Реклама -