Палевски негира вина и тврди дека ЈО извршува политички наредби и злоупотребува докази

Првообвинетиот Љупчо Палевски, за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, денеска, во Основниот кривичен суд се произнесе дека не се чувствува виновен и дека Основното јавно обвинителство извршува политичка наредба.

Палевски пред Судот истакна дека во постапката како докази се ставени повеќе од 100 ДНК траги, а дури деведесет проценти од неговите приложени докази се користат против него, посочувајќи дека тоа се докази кои МВР Форензика ги има изготвено по наредба на Обвинителството.

– На 1 декември имам јавна објава на мојот Фејсбук профил, каде сум што правам и така натаму. Во хотелот се пријавив и одјавив регуларно со моја патна исправа и тргнав на пат за да направам магнетна резонанца на мојата кичма, бидејќи 70 проценти од мојата кичма не е во функција. После 10 месеци, од моите приложени докази, обвинителството ги злоупотребува и МВР Форензика по наредба на обвинителството изготвува материјални докази. Не може да ме убеди обвинителството дека нема наредба за политичко монтирано судење, затоа што многу добро знае обвинителството. Како тоа не можеле да ја видат целосната слика за овој кривичен настан, па дури на 20 мај мојата ДНК е ставена во систем, рече Палевски.

Содржината на обвинението, вели Палевски, е заснована на лажен исказ на еден од обвинетите кој сака, како што рече, да избегне доживотен затвор за злосторството кое е направено.

– Целата оваа содржина на обвинение е заснована на лажен исказ на еден од обвинетите, кој сака да избегне доживотен затвор за вакво злосторство кое е направено. Сите материјални докази ги побиваат овие приказни кои се содржина на ова обвинение. Одбраната не барала вештачење на биолошки траги. Ова е лицемерие. По се што објавија, нечувствувајќи ништо за мајката на Вања, сите видеа и слики што беа објавени по порталите беа во просториите на Обвинителството и од таму излегоа сите слики од „Смарт сити“, и токму обвинителството погрешно ги брифираше медиумите. Тогаш обвинителството не се секираше за душевната состојба на мајката на Вања, па после 10 месеци кога треба да ги соочиме сите докази тогаш сака да биде исклучена јавноста, рече Палевски.

Според Палевски, таткото на малолетното девојче, Александар Ѓорчевски е наместен од полицијата за да се изготви некаков лажен мотив и врска помеѓу нив двајца. Палевски пред Судот рече дека не го познава Александар, а ниту пак, Обвинителството докажало некаква врска помеѓу нив двајца.

Прочитајте и:  Сослушан возачот што го превезе Палчо до Турција, Кешишов го сменил првичниот исказ

– Овој родител, наместо да плаче по своето дете, од полицијата е наместен за да се изготви лажен мотив и врска меѓу мене и него. Јас не го познавам Александар. Јас бев киднапиран првите 7 дена. Ме донесоа на 15 мај во затворот во Скопје, но 7 дена не добив никаков акт. После ме донесоа со медиуми, со „калашникови“, 6 дена ме држеа, судијата на претходна постапка Душан Јосифов изврши кривично дело. Ова е политичко монтирано судење, рече Палевски.

Во Кривичен денеска, заедно со Љупчо Палевски, беа изведени и Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, по одлуката на Судечкиот совет за спојување на постапките на обвинетите, откако Основното јавно обвинителство најпрво поднесе обвинение против четири лица, а потоа и за првоосомничениот Палевски за кого се чекаше екстрадиција од Турција.

Обвинетите, пред Судот се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни за што дополнително нивната одбрана ќе достави докази до Судот.

Обвинителката Жаклина Крстевска во своето воведно обраќање по барање на оштетените Жаклина Ѓорчевска и нејзината ќерка, побара од Судот да биде исклучена јавноста од целата расправа, поради како што рече, интензивното известување на медиумите за настанот кое придонесло за продлабочување на болката, по што Судот не го прифати ваквиот предлог на Обвинителството.

— Од страна на полномошникот и оштетената Зорица Мирчевска и од сестрата на Вања Ѓорчевска поднесен е предлог до обвинителството за исклучување на јавноста од целата расправа, заради интензивното известување на медиумите за настанот кое медиумско известување придонесло за продлабочување на болката, тешко сериозно пост-трауматско растројство, за кое во прилог доставувам извештај од специјалист психијатари препорака на психотерапевт, рече Крстевска.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

На 22.11.2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

- Реклама -