Мухамед Абдул Кадир – пакистански продавач на сладолед со заработка од само 3 и кусур евра на ден, преку ноќ станал милијардер. Ех, уште да знаел за тоа.
Дознал кога пакистанската Федерална истражна агенција му тропнала на врата за да го уапси, информирајќи го дека на банкарската сметка имал 2.3 милијарди пакистански рупи (околу 15 милиона евра).
Кадир всушност се нашол во центарот на обемна истрага за случајот со масивно перење на пари преку 80-тина лажни банкарски сметки, во вредност од вкупно 32 милијарди рупи, скандал за кој се смета дека допира и до поранешниот претседател Асиф Али Зардари. Истрагата сепак покажала дека нашиов сладоледџија всушност бил еден од жртвите на чие име била отворена лажна банкарска сметка, иако со користење на легитимна копија од неговата лична карта.
„Јас сум најнесреќниот човек на светот“, изјави 52-годишниот Пакистанец во едно интервју. „Само што дознав за огромната сума, веќе ја немаше“.
Кадир живее во сиромашно гето (slum) во крајбрежниот град Карачи. Кога вторпат бил приведен на распит во септември годинава, тој покажал кон неговата трошна картонска куќа.
„Зар ќе живеам ваков мизерен живот ако бев милијардер?“, им рекол на инспекторите.
Иако според законот е слободен човек, 2.3-те милијарди рупи кои поминале преку неговата сметка му донеле само неволји. Од една страна, не можел да продолжи со бизнисот бидејќи луѓето престанале да купуваат од него, а наместо тоа го исмевале и напаѓале: „Види го, милијардер, а продава евтин сладолед!“. Од друга, бидејќи е татко на две деца, се плашел често да излегува надвор бидејќи стравувал дека поради гласините ќе биде киднапиран за откуп.
„Посакувам мојот пријател да ја оставеше тезгата и вистински да станеше милијардер“, вели еден друг локален продавач на тезга во близина каде што продавал Кадир. „За жал, реалноста не е таква“.
Среќната околност во сето ова е што Кадир е неписмен. Велиме за среќа, бидејќи тоа бил главниот доказ што при истрагата ја докажал неговата невиност; ниту можел да потпише за да ја отвори сметката, ниту можел да потпише трансакција.
via The Guardian