Пак ве поздрави Милан Тасевски, дизајнерот на првата македонска друштвена игра. Нé замоли да ви пренесеме дека во сабота, на 19 ноември, ќе се одржи уште еден турнир/настан во Small Star Empires, и дека пак ќе имате можност да поиграте некоја партија, а и да добиете понекоја награда.
Сите идни вселенски императори и императорки кои имаат намера да се пробаат во сабота во Мали ѕвездени империи (на нашки), треба да се појават во Public Room пред 13 часот, за организаторите да ги запишат за турнирот и битките да почнат на време. Турнирот е предвиден да трае од 13 до 19 часот. Линкот до официјалниот Фејсбук ивент: ТУКА.
Од друга страна, тие што ја поддржаа играта на Kickstarter, и со тоа овозможија да стане реалност, на настанов во сабота ќе можат да дојдат и да си ги подигнат правилата на македонски јазик. Нормално, тие другите што досега не ја купија, сега исто така ќе имаат можност и да си ја купат. А еве зошто треба:
ЗА ИГРАТА:
Галаксијата полека се буди. Четири од поголемите цивилизации конечно развиваат ѕвезден погон кој што им овозможува да патуваат низ вселената. Цивилизациите тргнуваат во колонизирање на вселената и со тоа ги воспоставуваат своите галактички империи!
“Small Star Empires” е првата оригинална македонска друштвена игра. Во оваа игра, играчите преставуваат различни цивилизации кои што ја колонизираат галаксијата со нивните бродови кои што ги поместуваат на модуларна мапа составена од хексагонални полиња (ѕвездени системи). Модуларната мапа се составува од 7 различни Сектори што овозможува секој пат да играте на мапа различна од претходниот пат.
На секторите се наоѓаат Ѕвездени системи, во кои што има одреден број на планети и во зависност од бројот на планети, толку поени носи тој систем на крајот на играта. Оваа игра е едноставна и брза за учење, но нуди многу стратешки избори што произлегуваат од едноставноста на играта и модуларноста на мапата.
Small Star Empires е игра за 2-4 играчи, возраст 13+ и треба 15-20 минути да се одигра една партија. Во кутијата на играта има сектори, фигури за играчите и правилник.
„За мене беше голем креативен предизвик да ја дизајнирам играва како и да ги создадам графичките елементи и цртежот на кутијата“ – вели Милан Тасевски. „Досега ја презентирав играта пред многу луѓе вклучувајќи луѓе од Македонија како и посетители на најголемиот саем за друштвени игри во светот “Essen Spiel” во 2015. Можам искрено да кажам дека добивме многу позитивни критики и всушност на саемот, многу луѓе бараа да купат копија од играта!“
На кратко, правилата:
Секој играч на својот круг поместува еден од неговите вселенски бродови на мапа составена од хексагонални полиња. На овие полиња се наоѓаат од 1-3 планети. Единствено правило во движењето е дека бродот мора да се придвижи во права линија и не смее да лета преку полињата на другите играчи. Откако играчот ќе го помести својот вселенски брод, тој воспоставува контрола на полето каде што е бродот и ова значи дека на крај ќе добие поени од тоа поле, во зависност од тоа колку планети се наоѓаат на полето. Така, играчите играат сè додека не ги потрошат своите колонии или додека го потрошат последниот потег со бродовите, по што се настапува со броење на поените.
Оваа игра наликува на шахот, само условот за победа е различен. Треба да правите промислени потези, односно да ги зафатите ѕвездените системи со најмногу планети, а притоа да не им овозможите на другите играчи да го сторат истото. Играта има и модуларна мапа која играчите ја создаваат секоја нова партија, па така со малку поместување и ротирањe на деловите од кои се состои мапата можете постојано да играте на различна мапа. Со тоа, секоја нова партија е уникатна. Пластичните фигури се одлично изработени, па имате чувство дека навистина патувате со вашите вселенски бродови и ја населувате галаксијата.
Не верувате? Дојдете во сабота.