Како да не е доволно што имаат осум нозе кои ги користат за да нé вадат од памет, еве уште една тазе научна занимливост што нема да помогне да се намали стравот: овие мали предатори јадат двапати повеќе од тоталната тежина на животни што луѓето ја јадат на годишно ниво.
Истражувањето вика дека пајаците мезат (од 400) и до 800 милиони тони плен годишно. Сепак, тоа не ги прави негативци, велат научниците, зашто тие само си ја вршат природната должност: 90% од нивната исхрана е составена од инсектoвидни бубачиња. Елиминирајќи стотици милиони тони од овие мали штетници секоја година, пајаците играат важна улога во сочувувањето на балансот во екосистемот.
„Нашите калкулации ни овозможија за прв пат да квантифицираме дека пајаците, на глобално ниво, се големи непријатели на инсектите“, вели Мартин Нифелер од Универзитетот во Базел. „Заедно со другите инсектојадни животни, како мравките и птиците, тие помагаат значително да се редуцира популацијата на инсектите“.
За да дојдат до тоа колку храна јадат пајаците, научниците прво мораа да одредат колкава е всушност популацијата на пајаците, во смисла на биомаса. Врз основа на поранешни студии и проценките за просечните биомаси на различните биоми (животни средини) – шуми, полиња, полјани и сл. – испаѓа дека надвор од безбедноста на твојот дом има околу 25 милиони тони пајаци. Додуша дел има и внатре.
Утешително е што најголемиот дел од гозбата – проценките се 95% – се случува во шумите и полјаните.
Инаку, колку за споредба, се проценува дека глобалната човечка консумација на месо и риба изнесува околу 400 милиони тони годишно. Китовите пак, убиваат околу 280-500 милиони тони плен.
Кога сме кај пајаците, дефинитивно се на врвот по количината изедена храна. Но не треба да се заборави ни дека и тие се плен за илјадници други животни.
Откритијата се објавени во The Science of Nature.