Паднаа акциите на компанијата „CrowdStrike“ која вчера предизвика хаос низ светот

Американската компанија за кибер безбедност „CrowdStrike“ од вчера е познато име од погрешни причини, откако неуспешното ажурирање на софтверот предизвика „хаос“ низ целиот свет, а „хаосот CrowdStrike“ може да поттикне преиспитување меѓу инвеститорите и купувачите, велат аналитичари.

Меѓу последиците посочуваат дека акциите на таа компанија паднаа за повеќе од 11 отсто, откако технолошка грешка ја прекина и ја наруши работата во неколку индустрии во светот – од затворање јавни сервиси, стопирање летови до неможност за емитување медиуми, програми и друго.
„CrowdStrike“ претходно достигна пазарна капитализација од околу 83 милијарди долари и е меѓу најпопуларните даватели на услуги за кибер безбедност во светот, со близу 30.000 претплатници ширум светот. Компанијата е исто така софтверска миленичка на инвеститорите поради нејзиниот раст и високите маржи, а нејзините акции се удвоија во изминатата година пред да паднат вчера.
Но, аналитичарите веруваат дека нарушувањето на многу системи поради (нивната) технолошка грешка може да ги натера и клиентите и инвеститорите да ја преиспитаат нивната зависност од компанијата, отворајќи ја вратата за потенцијалните конкуренти како што е Palo Alto Networks, чии акции пораснаа за 1,7 отсто во петокот како и SentinelOne, кој скокна за 3,6 отсто.

Овој настан е потсетник за тоа колку се сложени и испреплетени нашите глобални компјутерски системи и колку се ранливи на грешки, коментира висок софтверски аналитичар во Д.А. Дејвидсон Гил Лурија.

Иако повеќето компании навистина немаат алтернатива за Мајкрософт, тие имаат алтернативи за безбедност. Тоа би можело да принуди многу компании повторно да проценат кој безбедносен производ го користат и дали треба да се диверзифицираат во различни безбедносни производи за да се спречат овие типови прекини, додаде Лурија.

Официјални лица за безбедност во различни компании изразија незадоволство од CrowdStrike, но не ги открија плановите да ја прекинат својата работа со продавачот, додека аналитичарите велат дека иако настаните во петокот беа штетни за CrowdStrike, тие не предвидуваа дека конкурентите ќе заземат голем удел на пазарот како резултат на инцидентот.
Извршниот директор на CrowdStrike, Џорџ Курц, во објава на платформата за социјалните медиуми Х рече дека настанот не бил безбедносен инцидент или сајбер напад и дека „направено е решение“. Тој подоцна се извини за хаосот што го предизвика компанијата.
-Прекини се случуваат, и размерите имаат смисла овде, но мислиме дека вредното држење на CrowdStrike и ефективниот одговор ќе бидат корисни, велат аналитичарите на JP Morgan.

Извор