NASA пронашла ѕвезди чија температура е слична со онаа на човечкото тело. Wide-field Infrared Survey Explorer им овозможил на астрономите да проучуваат создавање на ѕвезди и атмосферите на планети како Јупитер, без пречки од светлината од посјајните ѕвезди.
WISE сателитот, кој бил повлечен од служба оваа година, собрал податоци кои откриле 100 нови кафеави џуџиња, понекогаш наречени „пропаднати“ ѕвезди. Шест од нив добиле класификација за температура “Y”. Y џуџињата се најмрачните ѕвезди од фамилијата кафеави џуџиња, како и останатите кафеави џуџиња тие не се доволно масивни за да создадат фузија на атоми во нивното јадро.
Без атомската енергија која им овозможува на ѕвездите како нашето Сонце да горат милијарди години, кафеавите џуџиња постепено се ладат, сè додека не испуштаат само инфрацрвена светлина. Едно од откриените Y кафеави џуџиња, WISE 1828+2650, сега го носи рекордот за најстудената ѕвезда со површинска температура од само 26 степени целзиусови. „Кафеавите џуџиња кои ги забележувавме пред ова откритие имаа температура како вашата рерна,“ вели Дејви Киркпатрик, член на научниот тим од WISE во Центарот за Инфрацрвено процесирање и Анализа од Институтот за Технологија од Калифорнија во Пасадина.
„Со откривањето на Y џуџиња излеговме од кујната и влеговме во постудените делови од куќата.“ Кафеавите џуџиња им помагаат на астрономите да го проучуваат формирањето на ѕвездите и атмосферите на планети како Јупитер. Нивните атмосфери, слични во состав на гасовитите џинови, се најчесто полесни за набљудување бидејќи кафеавите џуџиња се изолирани во вселената, оддалечени од светлината на посјајните ѕвезди.
Астрономите оригинално го избрале терминот „кафеаво џуџе“ бидејќи не знаеле која боја би ја имале овие ѕвезди ако би можеле да ги видиме, а кафеавата боја не е дел од спектрумот. Научниците сега знаат дека некои кафени џуџиња би имале црвеникава или розева боја ако би биле гледани со голо око, но сè уште не се сигурни каква боја би имале Y џуџињата. Виолетовата боја во илустрацијата била избрана чисто поради уметнички причини. [NASA satellite finds coldest, darkest stars yet]