Oткриена досега непозната древна пирамида во Египeт

Остатоци од пирамида изградена пред околу 3.700 години се пронајдени близу т.н. „крива пирамида” на фараонот Снефру, соопшти египетското Министерство за антиквитети.

Пирамидата, која е изградена во времето на 13-тата династија, се наоѓа во кралската некропола Дашура, 30 километри јужно од Каиро.

Ископувањето е сé уште во рана фаза, па за големината и обемот на пирамидата уште е рано да се говори.

Во меѓувреме, „Сите најдени делови од пирамидата се во многу добра состојба, и ќе следат понатамошни ископувања за да се откријат повеќе делови“, додаде министерството.

Египет, дом на една од најстарите цивилизации на светот, има 123 (досега откриени) древни пирамиди. Меѓу нив се и славните пирамиди во Гиза, изградени пред околу 4.500 години. Најголема од трите во Гиза е таа на Кеопс, висока 146 метри, и единствената преживеана структура од седумте светски чуда на древниот свет.

 

- Реклама -